Аморски астероиди (или амори) — група на близуземски астероиди наречени по архетипото тело 1221 Амор. Орбиталниот перихел на овие тела е близок на, но не поголем од, орбиталниот афел на Земјата (т.е. телата не ја пресекуваат Земјината орбита),[1] но затоа највеќето амори ја пресекуваат орбитата на Марс. Аморскиот астероид 433 Ерос е првиот астероид посетен од роботска вселнска сонда.
Дефиниција
Еден астероид е аморски ако ги има следниве орбитални особености:[2]
Орбиталниот период е поголем од една година; т.е., орбиталната главна полуоска (a) е поголема од 1,0 ае (a > 1,0 ае);
Орбитата не ја пресекува Земјината; т.е. орбиталниот перихел (q) е поголем од Земјиниот орбитален афел (q > 1,017 ае);
Во 2019 г. се знаело за 7.427 аморски астероиди.[3] 1.153 имале бројна ознака, а 75 од нив носеле имиња.[4]
Надворешни земјодопирачи
Надворешен земјодопирач е астероид кој обично е вон Земјината орбита, но може да дојде поблиску до Сонцето отколку Земјиниот афел (1,0167 ае), а не поблиску од Земјиниот афел (0,9833 ае); т.е. неговиот перихел лежи помеѓу Земјиниот перихел и афел. Овој вид астероиди е поделен на аморски и аполонски. Согласно горенаведената дефиниција за аморски астероиди, „земјодопирачите“ кои никогаш не доаѓаат поблиску до Сонцето отколку што е Земјата (во било која точка долж орбитата) се амори, а оние што доаѓаат поблиску се аполони.
Потенцијално опасни астероиди
За да се смета за потенцијално опасен астероид (ПОА), орбитата на телото во даден миг мора да дојде на растојание од 0,05 ае од Земјината орбита, а самото тело мора да биде доволно големо за да предизвика значајна регионална штета ако се судри со Земјата.[5] Највеќето ПОА се или атонски или аполонски астероиди (затоа имаат орбити кои ја пресекуваат Земјината), но околу една десеттина од ПОА се аморски. Оттука, потенцијално опасниот амор мора да има перихел помал од 1,05 ае. Овој услов го задоволуваат околу 20 % од познатите амори, а една петтина од нив се ПОА. Меѓу педесетте познати аморски ПОА се и именувани тела како 2061 Анса, 3122 Флоренс, 3908 Никта и 3671 Дионис.