Денес, во месноста е зачуван само Чебренскиот манастир со двете манастирски цркви и се наоѓа во атарот на селото Зовиќ.
Географија и местоположба
Некогашното село Чебрен, односно денешниот Чебренски манастир, се наоѓа непосредно на брегот на Црна Река. До него се стигнува преку земјен пат во лоша состојба, кој се двои од асфалтниот пат до селото Зовиќ, во чиј атар денес селото потпаѓа.[2]
Месноста се наоѓа на издвоена вулканска купа или тумба, наречена Тумба Чебрен, во кањонот на реката Црна. Некогашното село се наоѓа јужно од тумбата. На овој простор, и денес може да се видат остатоците од повеќе периоди.[2]
Поради близината на Црна Река и предвидената изградба на ХЕ „Чебрен“, некогашното село и манастирскиот комплекс може да се најдат под вода.[2]
Историја
Чебрен е место со богато историско минато во областа Мариово.[2][3]
На просторот на Чебрен, може да се видат антички остатоци, остатоци од средновековниот град, раселеното село Чебрен, како и делумно зачуваниот манастир.[3]
Антички период
Според археолошките пронајдоци во селото, се смета дека тука се наоѓал градот Антанија, епископско седиште во V-VI век.[4]
Чебрен во минатото бил на локалниот планински пат кој ја сечел Мариовската Висорамнина и се качувал до пазувите на Кајмакчалан. Археолошките истражувања од шест стручни лица од Народниот музеј во Битола кај тумбата Чебрен го докажеле постоењето на раноантичка населба од времето на владеењето на македонските кралеви, според откриените монети од тој период.[3]
Со археолошките истражувања во изминатите години на овој простор (пониско крај реката), докажано е дека во доцната антика бил изграден кастел со замашни димензии, додека пониско на југ започнала да се развива населба, која била опфатена со истиот бедем. Целиот овој простор имал планско градско оформување со големина од 5 хектари.[3]
Среден век
Според пишаните извори, во средниот век тука постоел средновековниот град Чебрен (или Чемрен). Овој град, според историските податоци, сѐ до 1331-34 година, кога бил освоен од царот Душан, се наоѓа во рамките на Византија.[2] Градот бил споменат од српскиот архиепископ Данило за време на владеењето на цар Душан во неговото дело „Животи краљева и архиепископа српских“.[3]
Откако Македонија била освоена од Отоманското Царство, средновековниот град престанал да постoи, а на неговото место останало малото село Чебрен со манастирот.[2] Селото со тек на време полека исчезнувало и останал самот манастирот.[3]
Манастирски комплекс
Поволната местоположба на манастирскиот комплекс и фактот дека во Мариово не биле вршени исламизации на населението за време на отоманскиот период, комплексот го направиле да биде еден од најбогатите во Македонија. Манастирот бил доста познат по своето училиште и богатата библиотека.[2]
Во XIX век според пишаните документи се дознава дека во манастирот работело ќелијно училиште на старословенски јазик. Во него се подготвувале свештеници и учители за другите мариовски села.[2]