Фолкландската војна (англ. The Falklands War; шпан. Guerra de las Malvinas/Guerra del Atlántico Sur) се водела помеѓу Аргентина и Обединетото Кралство за спорните Фолкландски острови, Јужна Џорџија и Јужните Сендвички острови. Фолкландските острови се состојат од два големи и повеќе мали острови во јужниот Атлантик источно од Аргентина. Името и суверенитетот на островите се спорни долго во историјата.
Војната била предизвикана од окупацијата на Јужна Џорџија од страна на Аргентина на 19 март 1982, а потоа и на Фолкландите, а завршила кога Аргентина се предала на 14 јуни истата година. Војната не била објавена од ниедна од страните. Првобитната инвазија од Аргентина била објаснета како враќање на сопствената територија, а од страна на Британија била сметана за инвазија на британска прекуморска територија.
Во времето пред војната, Аргентина била зафатена од голема економска криза и граѓански немири против воената хунта која владеела од 1976.[3] Аргентинската воена власт настојувала да ја задржи моќта преку пренасочување на вниманието на јавноста на вековниот спор со Британија околу суверенитетот на островите[4], но не очекувала дека Британија ќе одговори со воена сила.[5]
Суверенитетот на Фолкландските острови е предмет на тензии кој ескалирал кога на 19 март група најмени аргентински трговци го истакнале знамето на Аргентина на Јужна Џорџија, што подоцна било сметано за првиот офанзивен акт во војната. Аргентинската воена хунта, сметајќи дека Британија може да го засили военото присуство во јужниот Атлантик,[6] ја наредила инвазијата на островите за 2 април.
Веста за инвазијата најпрво стигнала во Британија преку аматерско радио.[7] Британија најпрво била изненадена од нападот на Аргентина, и покрај повеќекратните предупредувања од своите морнарички офицери за можната инвазија.[8][9] Само неколку недели подоцна, Британците започнале поморска и воздушна офанзива, и за кусо време ги зазеле островите и ги заробиле сите аргентински војници што биле стационирани на нив.
Аргентина сè уште и понатаму ги смета островите за свои, кои ги нарекува Малвински.[10]
Политичките ефекти од војната биле силни и во двете земји, со бранови на патриотизам: поразот во Аргентина предизвикал уште поголеми протести против воената власт, која конечно и паднала; во Британија воената победа предизвикала силна поддршка за владата на Маргарет Тачер и нејзин повторен избор на парламентарните избори во 1983.
Наводи