- За други значења на поимот „Уругвај“, видете ја страницата за појаснување.
Уругвај (шпански: Río Uruguay; португалски: Rio Uruguai) е река во Јужна Америка. Реката Уругвај е една од главните реки во средишните и јужните предели на Јужна Америка и според неа е именувана државата Уругвај. Текот на реката е во правец север-југ и таа воедно претставува природна граница, на делови од границите, помеѓу Бразил, Аргентина и Уругвај. Реката извира во јужен Бразел и поминува низ сојузните држави Санта Катарина и Рио Гранде до Сул, потоа тече на границата на Бразил со Аргентина, а понатака и на границата помеѓу Аргентина и Уругвај.
Потекло на поимот
Името на реката потекнува од шпанската интерпретација на гваранските фрази кои биле користени за именување на реката. Постојат повеќе интерпретации за значењето на зборот, меѓу кои „реката на уру“ (уру е ендемска птица во регионот) и „реката на уругуа“ (автохтом мекотел, полжав).[2]
Течение
Реката има должина на тек од околу 1838 километри. Уругвај извира во Сера до Мар во Бразил,[3][4][5][6][7] каде реките Каноас и Пелотас се спојуваат на надморска височина од 200 метри. Во понатамошниот тек реката тече низ нерамен терен, формирајќи падови и брзаци. Течението на реката во Рио Гранде до Сул не е пловно.
Интересна одлика на реката е подводниот кањон. Овој кањон бил создаден во доцното ледено доба, кога климата била посушна и реката била помала. Длабочината е до 100 метри под речниот канал.[6][8] Овој кањон се гледа само на две места, од кои едниот е водопадот Мокона. Сепак. водопадите не се видливи 150 дена од година. За разлика од други водопади, овие водопади се паралелни со реката. Водопадите се од 10 до 12 метри високи, а широки од 1800 до 3000 метри.[6][8]
Реката Уругвај се спојува со реката Парана и така се вливаа во Рио де ла Плата, односно Атлантскиот Океан. Главна притока на реката Уругвај е реката Рио Негро.
Галерија
-
Водопадите Мокона, на местото каде реката поминува од Бразил во Аргентина.
-
Карта на басенот на Рио де ла Плата со приказ на местото каде Уругвај се спојува со Парана.
Наводи
Надворешни врски