Томас Алан Вејтс (роден на 7 декември1949) е американскипејач-текстописец, композитор и актер. Вејтс поседува специфичен глас, еднаш опишан од страна на еден критичар „како да е наводенет во сад со бурбон, оставен да виси неколку месеци во пушална и потоа изнесен надвор и неколкупати прегазен со автомобил“.[1] Преку неговиот препознатлив рев, преку инкорпорирањето на раниот рок со музички стилови од типот на блуз, џез и водвиљ, како и преку постојаната тенденција кон експериментирање и желба за кокетирање со индустриската музика,[2] Вејтс има изградено една потполно оригинална и дистинктивна музичка персона. Има работено како композитор и на филмска музика, а исто така и на музичката подлога на низа мјузикли. Во неколку филмови се појавува и како глумец, а од улогите особено се издвојуваат оние во Кралот Рибар и Дракула. Номиниран е за оскар за работата на саундтракот.
Потполно лирични, песните на Вејтс се склони кон прикажување на атмосферични портрети на бизарни, злокобни ликови и места, иако има афинитет и кон доста поконвенционални балади. Има култен статус и огромно влијание врз многу текстописци, макар што многу ретко се емитува на радио и уште поретко неговите песни се пропратени со спотови. Токму поради ова, голем дел од неговите песни, на пошироката јавност ѝ се познати преку нивните кавер верзии направени од некои други музичари — на пример "Jersey Girl" која ја изведува Брус Спрингстин, "Downtown Train" која е хит на Род Стјуарт и "Ol' '55" свирена од Иглс. Во едно интервју од 2005 година, и Боб Зегер ќе рече дека музиката на Том Вејтс била инспирација за низа негови песни. Иако во САД албумите на Вејтс се среќаваат со различен и не секогаш забележителен успех, често постигнуваат златен тираж во многу европски земји. Номиниран е за многу важни награди; има и добиено Греми награди за два свои албуми.
Моментално живее во Калифорнија со својата жена - која често ја нарекува своја муза - и нивните три деца.
Наводи
↑Граф, Гери. Musichound Rock: The Essential Album Guide. Omnibus Press. ISBN 0-8256-7256-2.