Солено езеро — копнена водна водна површина со значително поголема концентрација на сол (претежно натриум хлорид) и други минерали од највеќето езера (барем 3 гр. сол на литар). Во некои случаи концентрацијата на сол е поголема од морската, и таквите се нарекуваат „хиперсолени езера“.
Особености
Солените езера се образуваат кога водата што дотекува во езерото содржи сол или минерали и не може да го напушти бидејќи езерото претставува непроточен слив. Потоа водата испарува, а остануваат растворените соли, така зголемувајќи ја соленоста на водата. Поради ова солените езера се одлични за експлоатација на сол. Големата соленост води до карактеристична флора и фауна во езерото, а понекогаш и отсуство на секаков жив свет.
Ако дотокот на вода е помал од количеството на испаренијата, тогаш езерото постепено исчезнува, образувајќи солена рамнина.