Сатеска — река која тече во југозападниот дел на Македонија. Извира во планинскиот дел на областа Дебрца во пазувите на Плакенска Планина и Илинска Планина. Течејќи низ котлината Дебрца собира вода од повеќе притоки, за потоа пробивајќи се низ Ботунската Клисура да навлезе во Струшкото Поле, каде тече сè до нејзиното влевање во Црн Дрим односно Охридското Езеро.
Реката е долга 31,2 километри и зафаќа сливно подрачје од 396,3 км2, во кое се влеваат реките Бигорштица, Мала Река, Песочанска, Котунска, Ботунска и Грашишка.[1]
Потекло на името
Името на реката потекнува од зборот затеска што означува теснина помеѓу две страни, два рида[2], каков што впрочем е најголемиот дел од нејзината долина особено во горното и средното течение низ клисурите во Дебрца. Етимолошки, ова е единствено име на река во Македонија. Во Македонија, постои топоним Раечка Сатеска, кој се однесува на теснина по течението на реката Раец.
Извор
Реката извира во планинскиот регион во горниот дел на областа Дебрца.[1]. Главното извориште на реката Сатеска се неколкуте силни Петрчански Извори кои се наоѓаат на надморска височина од 920-937 метри под возвишението Петрчани, западно од охридското село Врбјани во Горна Дебрца. По нешто помалку од 500 метри од десната страна ја прима првата притока Голема Река, која пак протекува низ селото Врбјани, а над него го носи името Бигорштица, при што кај месноста Самаришта конечно го добива името Сатеска кое го носи во целото течение до самиот влив во Црн Дрим и Охридското Езеро.
Течение
Реката Сатеска е најголема река во сливното подрачје на Охридското Езеро. Изворниот дел на реката се наоѓа во планинскиот регион, додека средниот и долниот тек на реката се наоѓаат во низински дел.[1]
Се смета дека во минатото (до XVIII век) се влевала директно во Охридското Езеро, за потоа поради човекови активности да го смени своето природно корито кај селото Волино и да се влева во реката Црн Дрим. Во 1961 година коритото на Сатеска е свртено и истата е пренасочена кон Охридското Езеро.[1]
Проток
Протокот на реката се менува значително и зависи од климатски услови, при што има две горни граници: напролет (март-април) како последица на топењето на снеговите и ноември (поинтензивни врнежи на дожд и снег). Годишниот проток на реката е околу 129 милиони кубни метри.[1]
Устие
Сатеска природно се влева во Црн Дрим меѓу селата Драслајца, Мороишта и Враништа, а по вештачки пат преку прокопан канал од крајот на XX век се влева и во Охридското Езеро недалеку од селото Мислешево и туристичката населба Езерски Лозја со хотелот „Евротел“ крај патот Охрид-Струга. Реката Сатеска припаѓа на Јадранскиот речен слив.
Воден потенцијал
Кај селото Песочани на реката Сатеска е изградена брана со мала хидроелектрична централа. Во најголем дел водата од реката се користи за наводнување на земјоделското земјиште на повеќе села во источниот крај на Охридско-струшката котлина.
Загадување
Поради нерешените комунални проблеми на селата низ кои поминува самата река, квалитетот на водата во реката значително се менува по нејзиното одминување на селата. Водите на реката се од I или II класа.[1].
Галерија
-
Реката Сатеска под селото
Ботун
-
Свиок на реката Сатеска кај
Ново Село
-
Течението на Сатеска низ песокливото корито во
Долна Дебрца
-
Водите на Сатеска во нејзиното средно течение во
Долна Дебрца
Наводи
Надворешни врски