Пајтон — често користен програмски јазик за општа употреба, создаден од Гуидо ван Росум од Python software foundation во 1991. Претстаавува толкуван програмски јазик, дизајниран со филозофија и принципи кои се фокусирани на чист код и едноставна синтакса[1]. Концизноста на јазикот дозволува концепти и алгоритми многу брзо да се претворат во код, и основата на јазикот дозволува проекти од мал и голем размер.
Пајтон е карактеризиран со динамички систем на типови, автоматски менаџмент на меморија и дозволува различни парадигми, како објектно-ориентирано програмирање, функционално програмирање, процедурално програмирање, и др. Има голема сеопфатна стандардна библиотека.[2]
Интерпретери за Пајтон постојат за многу оперативни системи, што му овозможува на овој програмски јазик да работи на различни системи. CPython e референтната имплементација (стандардната имплементација од која потекнуваат и други променети варијанти), напишана во C и објавена како слободен софтвер[3]. Оваа имплементација е одржувана од непрофитната организација Python Software Foundation.
Пример
Ова е изворен код напишан во Пајтон кој на стандардниот излез ќе испечати „Здраво, свету!“:
print("Здраво, свету!")
Изразување на циклуси, рекурзивни програми и решавање на сложени дискретни проблеми е многу едноставно. Пример на изворен код кој ќе ги испише сите пермутации од втор ред на множеството {A, B,C}:
importitertools# стандардна библиотека за итерацијаmnozestvo={'A','B','C'}permutacii=itertools.permutations(mnozestvo,2)print(list(permutacii))
Како резултат ќе се добие низа од торки: [('A', 'C'), ('A', 'B'), ('C', 'A'), ('C', 'B'), ('B', 'A'), ('B', 'C')].
Име
Името на овој програмски јазик потекнува од телевизиската серија Монти Пајтон, и честа појава е користење на имиња на ликови или цитати од серијата во примери и прирачници за програмирање со Пајтон. Исто така, официјалната документација на овој јазик содржи анегдоти од Монти Пајтон.
Претставката „py-“ често се користи во имиња на проекти кои се поврзани со овој програмски јазик. Примери се библиотеки и апликации како pygame (библиотека за правење игри), PyQt (Пајтон адаптер за Qt), PyGTK (Пајтон адаптер за GTK).