Списанието „Нов ден“ од 1945 година било издание на Друштвото на уметници, научници и новинари од Македонија, а во 1947 година станува орган на Друштвото на писателите на Македонија.
Списанието престанува да постои, меѓу другото и заради наметнувањето на „линија“ од самото ДПМ: „по прашањата на литерарното творештво кај нас, ‘линија’ која по таков начин би требало да биде дисциплинирано прифатена од сите членови на Друштвото, така и од останалите соработници во неговиот орган“. Понатаму се додава: „Во такви услови постоеше опасност извесни чисто субјективни мислења по ова или она прашање да си припишуваат некаква официелна важност, што, се разбира, може во некои случаи да претставува пречка во развитокот на слободното литератно творештво“. Веднаш по неговото згаснување, неговото место го зазема списанието Современост, со големо мнозинство од претходните уредници. Дека тоа е наследник на „Нов ден“ говори и белешката на Редакцијата дека неговите претплатници автоматски стануваат претплатници на „Современост“. Во Соопштението до претплатниците на „Нов ден“, на една од последните страници на Современост стои: „Се известуваат досегашните претплатници на списанието 'Нов ден' дека, доколку имаат извршено претплата за 1951 г. таа ќе им биде префрлена на нашата чековна сметка, така што со тоа стануваат претплатници на ‘Современост’. Истовремено ги молиме да ја уплатат на нашата чековна сметка разликата од сумата што ја уплатиле за ‘Нов ден’ – до 210 динари, колку што изнесува претплатата за ‘Современост’ за 1951 г.“. Ова известување сосема добро го илустрира континуитетот којшто Редакцијата на „Современост“ го полага врз списанието. Истовремено, во „Уводникот“ и во „Соопштението до претплатниците на ‘Нов ден’“, меѓу редови можеме да прочитаме и дека списанието 'Нов ден' на почетокот не било орган на Друштвото, кое е формирано две години по неговиот прв број, во 1947 година.[1]
Поради несогласувања со политиката на Друштвото, основачите, односно уредниците на „Нов ден“ истапуваат од него и независни продолжуваат со публицистичката дејност, овој пат преку списанието „Современост“. Меѓутоа, како што може да се види, „новото“ списание („Современост“) ги носи сите белези на „старото“ списание („Нов ден“). Долгогодишниот главен и одговорен уредник на „Современост“ Александар Алексиев го именува списанието како „наследник“ на „Нов ден“.
Тивката осуда и несогласувањето со Друштвото на писателите ја евидентираме во „Уводникот“ на првиот број на списанието, каде што стои забележано и дека: „Редакцијата на новово независно списание ‘Современост’, ќе се стреми во својата уредничка политика да го спроведува принципот на максимална возможна толерантност, сметајќи ја особено нужна во сегашните наши услови, кога е ова единствено наше литерарно списание“.[2]
Списанието „Современост“, наследник на „Нов ден“
Оттука започнува приказната на списанието за литература, култура и уметност, Современост.[3][4] Првиот број е објавен во април 1951 година, во Редакција на Киро Хаџи Василев како одговорен уредник, и Коле Чашуле и Ацо Шопов како уредници, а како негов издавач се јавува Книгоиздателството „Кочо Рацин“.
Наводи
↑Ковилоски, Славчо (2016). „65 ГОДИНИ СПИСАНИЕ СОВРЕМЕНОСТ“. Современост. 1: 7–11.
↑„Од Редакцијата“. Современост. 1: 3–4. април 1951.