Никола Михајлов

Никола Михајлов
Роден(а)ок. 1820
Крушево, Османлиска империја
Починал(а)ок. 1900
Крушево, Османлиска империја

Никола Михајлов (fl. 1842–1894) од Крушево, македонски сликар и зограф од XIX век.

Животопис

Потекло

Никола Михаилов, помладиот син на зографот Михаил Зиси, бил еден меѓу малобројните припадници на традиционалното црковно сликарство од втората половина на 19 в. во Македонија, кој, со силата на својата обдареност, внесува свежи импулси во уметноста со појавности на нејзиното опаѓање. Родното место на Никола е Крушево, населено во втората половина на 18 и првите децении на 19 в. од мијачки и влашки семејства, во потрага по побезбеден живот и работа. Меѓу нив се наоѓале предприемливи и имотни трговци, искусни занаетчии и сточари, прочуени градители, зографи и резбари, кои значително придонесле за стопанското зајакнување на Крушево, за воспоставување деловни врски и работа ширум Македонија, во соседните земји и Средна Европа.[1]

Свети Јован Претеча

Неговите родители, зографот Михаил, претставник на извесната зографска фамилија Зиси од Самарина (Епир), со жената и првенецот зографот Димитрие, под притиоок и злосторство на турските феудалци, се доселуваат во 1788, или помеѓу 1812 и 1821 година, во Крушево. Овде се населила, исто така, зографската фамилија Анастасови, која ја предводи Анастас (Атанас) со неговите синови Коста (Костадин), Никола и Вангел, и во почетокот на 19 в. зографите Цветко Јанкулов, со синот Станко Цветков и Стојан (Стојче) Станков, негов внук, по потекло од родот Рензовци, и др. Денес, со проучувањето на Крушево, се знае повеќе за зографите што живееле и создавале тука, во ова досега малку познато уметничко средиште. Овде, со посредство на овие групи зографи, се формират еден вид сликарски јадра, претпоставувајќи го престижот на сликарската група на чело со Михаил Зиси.[1]

Животот и движењето на Никола Михаилов можно е делумно да се реконструира врз основа на неговите датирани творби. Тој се родил, претпоставуваме, кон крајот на втората или самиот почеток на третата деценија од 19 век. Првите поуки ги добива, што е логично, во работилницата на татка си. Тој ја дели судбината на обдарените синови, кои уште од раната младост се упатуваат во технолошките процеси, поминувајќи ги степените на еснафскиот ред. Приврзаноста на Михаил кон своите синови, неговата желба да ги оспособи во достоинствени наследници на неговиот позив, се изразувала не само во фазата на нивното учење, туку и подоцна, следејќи го нивното усовршување. Веројатно од почит кон угледот и авторитетот што го ужива нивниот родител „што во турска земја не може да биде друг“, пишува еден современик на Михаил, или чувствувајќи благодарност кон несебичната помош што им ја укажувал Михаил, тие, речиси редовно во сигнатурите наспомнуваат дека се негови синови. Така, впечатливо изразена заемна приврзаност, што трае до крајот на нивниот работен век, ретко се среќава.[1]

Дејност

Во 1867 година ја насликал иконата Преображение Христово за Зрзескиот манастир, а во периодот помеѓу 1870 и 1872 г. Никола, ги изработил најзначајните икони за иконостасот во црквата „Св. Преображение“ во Прилеп (кон неговото творештво, од преостанатите икони во ризницата на црквата „Св. Преображение“, може со поголема веројатност да му се препишат уште три икони Преображение, Богородица со Христос, Исус Христос. Негови икони се пронајдени и во соседната црква „Св. Благовештение“ иако се смета дека се тие донесени од некоја друга црква. Заедно со Адамче Најдов (Зограф) работеле и во Белград.[2]

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 Николовски, Антоние (1990). „Никола Михаилов - Последниот потомок од зографската фамилија на Михаил Зиси“. Културно наследство: 21–42.
  2. Бабиќ, Бошко (1961). „Неколку податоци за ѕидарите и сликарите во Прилепскиот крај од XIX век“. Стремеж. 1: 59.

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!