Кокан Димушевски првото посериозно музичко претставување го има во групата Леб и сол каде што активно учествувал во реализација на студиските албуми: Леб и сол, Леб и сол 2 и Ручни рад. Со групата како гостин соработувал и на албумите и: Звучни зид, Путујемо како и на живиот проект Live in New York.
Во 1979 година, додека уште бил член на Леб и сол, Кокан Димушевски се вработува во Забавниот и ревискиот оркестар на Македонска радио-телевизија, интересирајќи се повеќе за другите музички форми (најмногу за џезот), различни од она што го работеше неговиот матичен состав.
Од концертот одржан на 18 јануари1994 година во Домот на АРМ во Скопје година дена подоцна се појавува живиот албум Никола Димушевски - live, каде гостуваа: Зоран Јовановиќ, Гоце Мицанов, Игор Атанасовски, како и поранешните членови на Леб и сол: Бодан Арсовски и Гарабет Тавитјан. Во 1997 година, со помош на Македонски Олимписки Комитет го објавува проектот Октоехос најамбициозниот во неговата досегашна кариера. Се работи за црковна музика, обоена со благи клавијатуристички и гитарски пасажи, во која доминира машкото пеење. Во меѓувреме Кокан концертирал на многу домашни и странски сцени изведувајќи ги своите музички инсталации и перформанси. Како концертен промотер на светскиот музички гигант Yamaha за овој дел од светот, на лимитираната едиција на оваа фирма партиципираат и неколку музички теми на Кокан Димушевски[2].
Соработка со други музичари и состави
Кокан во својата кариера соработувал со многу изведувачи и групи. Се издвојува учеството во Лабиш трио како и соработката со Бодан Арсовски на неговите проекти Недоглед и Скршени ритми, како и аранжманските и продукциските интервенции во песните на многу домашни интерпретатори и состави. Од 2000. година Кокан Димушевски се најде на раководните места во Продукцијата при МТВ, а во 2001 година стана директор на Скопскиот фестивал, под чие водство во 2002 македонската музичка делегација настапи на Евросонг во естонскиот град Талин. Заради слабиот резултат на натпреварувањето Димушевски е сменет од оваа функција.