Роден е на 31 јануари (18 по стар стил) 1876 година во селото Папрадиште, Велешко. Уште во младоста заминува на печалба најпрвин во Софија, каде што го доживеал прогонот на Младата македонска книжовна дружина, а оттаму заминал за Русија. Најпрвин работел како железничар на југозападната пруга во Одеса, а со доселувањето во Петроград се здобил со правото да биде адвокат, што му овозможило полесен пристап до петроградската администрација при регистрирањето на Словено-македонското национално просветно друштво „Свети Кирил и Методиј“, кое поради својот устав во кое се дозволувало членство само на национално освестени и осознаени Македонци бил неприфатливо за руските власти.
Тој заедно со Крсте Мисирков и брат му Димитрија Чуповски бил составувач и на „Меморандумот за независноста на Македонија“ испратен до рускиот и британскиот министер за надворешни работи сер Едвард Греј, како и до амбасдорите на големите сили на дворот во Лондон во 1913.[2] Долг период Димов и членовите на другарството се бореле за издвојување на Македонија како посебна независна држава на Балканот, со своја посебна словенска култура, народ, јазик и црква. Биле подготвени и 1500 буквари на македонски јазик кои требало да се распространат низ македонските села, но обидот не успеал поради соседните пропаганди во Македонија.
Покрај Меморандумот за независноста на Македонија, Наце Димов бил потписник и на уште два други меморандуми во полза на Македонија и Македонците. Бил потписник на меморандумот на македонскиот деец Марко А. Мушевич до руската влада и светиот синод на руската црква за отворање на стручно училиште на македонски јазик со пансион во Житошкиот манастир - како расадник за кадри за идната просвета во Македонија, а исто така бил потписник и учествувал во составувањето на Меморандумот на Македонците кон владите и општественото мислење на балканските држави од 7 јуни1913 година.[3]
Објавување на книга за Македонија во 1913
Веднаш по завршувањето на Првата балканска војна, Наце Димов настапува со свој реферат, прочитан во Санкт-Петербуршкото словенско благотворно друштво на 28 февруари (4 март) 1913 година[4]. Во рамки на своето предавање тој го изнел својот став дека доколку не се даде независност на Македонија во нејзините природни, географски, етнички, економски граници, на Балканот ќе биде неизбежна уште една војна околу поделбата на Македонија меѓу балканските држави, која истовремено силно ќе ја стресе и Европа. Истата 1913 тој својот реферат го напечатува и го објавува како книга со наслов на своите 3 предавања: „I. Историческiй очеркъ Македонiи и македонскихъ славянъ II. Причины возникновенiя четническаго движенiя въ Македонiи III. Политическiй обзоръ Македонiи и македонцевъ“[4].
Наце Димов во оваа своја книга се осврнува и на Античка Македонија, цитирајќи го пишувањето на англискиот историчар Јаков Абот за древните Македоняне и нивниот македонски јазикнепонятом для Греков[5] (рус. неразбирлив за Грците).
На надгробниот споменик во петербуршките Бољшеоктенски гробишта уште стојат зборовите што му ги напишал брат му, Димитрија Чуповски:
Македонски деец Наце Димитриевич Димов. Умрел на 15 јули 1916 година, на 40 години од раѓањето. Живееше Тој и се бореше за правото и слободата на македонскиот народ. Умре Тој далеку од крајот роден без да го види слободен.[6]