Народните носии во планинските предели Железник, Кичевија и Порече и покрај забележливите разлики во обликувањето и украсувањето на поодделните делови од носијата кои во минатото биле уште поизразити, имаат повеќе заеднички одлики. [1]
Носии од Кичевија
Машката носија
Мажите во пределот Кичевија носеле бела платнена кошула со широко-отворени ракави, која во ХХ век ракавите биле кроени рамни со манжетни. Под неа на голо тело се носеле бели платнени гаќи кои биле долги до колената. Кошулата се опашувала со „ален“ црвен волнен појас, а над неа се носело или бел безракавен клашнен џамадан со црни гајтани, или црвен шајачен џамадан украсен со „бикме“ и кој бил носен од младоженците.
На нозете носеле бели клашнени бечви со црни гајтани, волнени чорапи орнаментирани на алена основа (заменети со редуцирана или изоставена орнаментација) и опинци од свинска/говедска кожа со врвци „опчајници“. Над се, мажите носеле бела клашнена долама, долга до колена со црни гајтани, иста по крој како мијачката; а за време на празници се носело црно/сиво клашнено џубе со кратки ракави до лактите и ќулавка долга до појасот.
На главата, мажите носеле или плиток црвен фес со син пискул, или „моров фес“ без пискул, или бело/црно валано „кече“. [2]
Женската носија
Жените во кичевско носеле бела платнена кошула чије традиционално везување со конец „каделка“ бил заменат со купен конец „ванелка“ околу почетокот на ХХ век; под неа се носело безракавна џупа, или со ракави до лактите, а над кошулата носеле правоаголен платнен грлник кој се врзувал околу вратот. Половината се опашувала со црн појас во вид на гајтан, и дводиплен скутник со хоризонтални појаси со ситни мотиви „пилиња“.
Над кошулата носеле црна клашнена безракавна гуња која била слична по кројот на сајата и клашеникот, а на нозете носеле богато орнаментирани чорапи на алена основа, заменети со помалку орнаментација, потоа заменети од еднобојни црни чорапи. На главата невестите носеле или платнено решме, над кое со игла бил прикачен платнен убрус (кој бил подолг од решмето). Истиот бил заменат со црна куповна шамија околу почетокот на ХХ век. Невестите лицето го покривале со превез кој бил носен под решмето (сокајот), и на челото носеле платнено кревало украсено со „дробни пари“. [2]
Носии од Порече
Машката носија
Таа, како сточарско-планинска носија, е сета од дебели волнени бели клашнени облеки: бечви, џамадан, опашани со широк ткаен појас, кои се облекуваат врз платнената кошула, украсена на градниот дел со вез во вид на дискретни вертикални пруги.
Во празничниот состав се носи фермеле од темномодра клашна/чоја и долама од бела клашна долга до колена која по рабовите била украсена со црни гајтани. На нозете се носат шарени, волнени чорапи и опинци со волнени врвци наречени опчајници. На главата се носи црна плитка капа „кече“. [3]
Во машката носија од пределот Порече посебно карактеристичен дел е облеката „ресачко копаре“ од дебела црна валана волнено-козинена ткаенина, кроена со голема јака која можела да се формира во јакулка за заштита на главата. [2]
Женската носија
Жените во овие предели врз долгата платнена туниковидна кошула, украсена со густо извезени мотиви во светлоцрвена и жолта боја, облекуваат клашеник од бела клашна, безракавен, кус до колковите, обилно украсен со срмени гајтани, извезени травци околу аплицираните насечки од црвена чоја. Околу половината се опашуваат со долг црн, плетен волнен појас и скутник со прави шарки, кој во колористичка смисла чини единство со извезените украси на кошулата и на другите облеки. [1]
Покривката за глава е тулбен од бело тенко платно, со поткити од монистра. Гуна од црна клашна, со украси од гајтани и бикме, е празнична облека за млади жени. Облеките за невестинската носија, наречени големи гувеалски, се најубавите и најмногу украсените. Специјална невестинска покривка за глава во пределот Порече е богато извезениот убрус со поткитки од морски школки и рески кој, како врвно остварување во везбената уметност, зазема прво место во креативните остварувања на македонската жена. Овие убруси употребувани до крајот на XIX век, освен украсната, во верувањата на народот имале и апотропејска улога. [1]
Носии од Железник
Машката носија
Мажите од демир-хисарскиот крај припиени на телото носеле долги гаќи од бело памучно платно со врвци за притегнување и бела кошула која се закопчувала. Истата се изработувала од конопно или памучно платно, била долга до колената, со широки и комотни ракави, без крагна и се закопчувала со копци (подоцна заменети со петлици). Околу половината се опашувало црн или црвен волнен појас, кој бил широк 15см и долг 3-4 метри.
Над неа носело џамадан, допојасна облека (со или без ракави) кој бил ткаен од црвена или црна клашна, со гајтански апликации во други бои на предниот дел. Над сите облеки носеле гуња од бела клашна со капуљача, а во зимно време носеле кожувче направено од штавено или нештавено овчјо/козино крзно.
На главата во османлиско време носеле црвен фес, но подоцна фесот бил заменет со капа или шубара од крзно или од друг вид ткаенина. На нозете носеле бечви од бела клашна, со врвци за притегнување и украсени со црни гајтани. Исто така носеле чорапи од бела волна, потоа заменети со шарени чорапи, а над нив носеле опинци од свинска/говедска кожа. За заштита од непогодно време и мраз, над чорапите носеле објала кои се притегнувале со опчањци. Истите биле кроени во дипли и во различни димензии.
Женската носија
Жените во пределот Железник носеле бела платнена кошула, чиј традиционален начин на везување бил редуциран околу периодот меѓу двете светски војни. Над кошулата (од ХХ век натаму) се носело правоаголно платнено гушале со везови и ситна мониста, а под ракавите на кошулата се носеле црвени волнени, потоа платнени ракавчиња. Исто така носеле бела клашнена саја која била долга до колковите, а невестите носеле бел клашнен клашеник или црна клашнена гуна/ќурдија.
Главата жените ја покривале со долг правоаголен убрус или бел платнен тулбен со жолта мониста, а невестите ја покривале со сокај украсен со мониста, рески, идр. Половината жените секојдневно ја опашувале со скутник „опрегач“ (имал две дипли и жолто-ѓувезни пруги), или скутник „чултар“ (украсен како тој од прилепско и битолско поле). На нозете носеле волнени чорапи со алова, ѓувезна и жолта „крокоо“ боја, и бели волнени получорапи „калци“ со богата орнаментација на долниот дел (долги од глуждовите до под колената). [2]