Марко Девиќ (роден на 27 октомври 1983 година) е украински пензиониран фудбалер.
Девиќ бил натурализиран украински државјанин од 2008 година, тој е со српско потекло. Својот прв меѓународен натпревар за репрезенатацијата на Украина го имал во 2008 година. Оттогаш одиграл над 30 натпревари и постигнал вкупно 7 меѓународни голови. Во 2013 година, тој станал првиот играч кој постигнал хет-трик за фудбалската репрезентација на Украина на официјален натпревар.
Клупска кариера
Почетна кариера
Марко Девиќ е роден во Белград (Србија, СФР Југославија). Својата фудбалска кариера ја започнал во неговиот роден град, во клубот на Ѕвездара, одигрувајќи на 14 натпревари и притоа постигнал два гола во сезоната 2001–02.[1] Во таа сезона неговиот клуб испаднал од првата дивизија.[2] Подоцна Марко играл за екипите на Железник, Раднички од Белград и Вождовац. Во секој од клубовите поминал само по една година. За екипата на Железник одиграл 20 натпревари и постигнал три гола, од кои еден гол во 19 лигашки натпревари, а два гола на еден од куп натпреварите. Потоа постигнал еден гол во вкупно 16 натпревари за клубот на Раднички, пред да му се приклучи на тимот на Вождовац каде постигнал четири гола на вкупно 14 настапи.
Украина
Волин Луцк
Во 2005 година, украинскиот клуб Волин Луцк го купил Марко Девиќ. За време на сезоната 2004–05 во Украинската Премиер лига, тој одиграл 14 натпревари, но не успеал да постигне ниту еден гол. Таа сезона екипата на Волин завршила на 8-та позиција.[3] Следната 2005-06 сезона тој постигнал два гола во вкупно 18 лигашки натпревари за клубот на Волин. На крајот на сезоната клубот испаднал од првата лига.[4] Девиќ одиграл 32 првенствени настапи за клубот и еден настап во купот, постигнувајќи притоа два гола.
Металист Харков
Тренерот Мирон Маркевич го донел Девиќ во Виша Лиха во клубот Металист од Харков. Тој постигнал 4 гола во 27 лигашки натпревари во неговата прва сезона додека Металист завршил на 3-та позиција на крајот од натпреварувањето.[5] Во сезоната 2007-2008, тој бил најдобар стрелец во Украинската Премиер лига со 19 гола на вкупно 27 одиграни натпревари. Близу зад него со постигнати голови биле Александар Хладки, Александар Косирин и Јевхен Селезњов. Сите тие постигнале по 17 голови.[6] И покрај големите погодоци на Девиќ, клубот на Металист уште еднаш ја завршил сезоната на третото место. Девиќ имал доста спор почеток во сезоната 2008-09, но сепак во 13-то коло ги постигнал првите два гола во победата од 2:0 над екипата на Чорноморец од Одеса. Ја завршил сезоната со осум гола од 24 лигашки натпревари. Клубот и по трет пат завршил на третото место.[7] Екипата на Металист таа сезона се пласирала во осминафиналето во Купот на УЕФА, но загубила од друга украинска екипа, тимот на Динамо од Киев, со вкупен резултат од 3:3, но со помалку постигнати голови на гостински терен.[8] Девиќ во сезоната 2008-09, постигнал 8 голови на вкупно 24 лигашки натпревари. И таа сезона Металист завршил на легендарното за нив трето место.[7] Во сезоната 2009-2010 Девиќ постигнал осум голови, но, на 20 лигашки настапи додека Металист завршил на третото место.[9] Во сезоната 2010-11, Девиќ бил на врвот на табелата за асистенции со вкупно 9 проигрувања. Таа сезона постигнал 14 гола во 24 лигашки настапи за да стане вториот најдобар стрелец зад играчот Јевхен Селезњов од клубот на Днипро. И таа сезона Металист завршил на третата позиција.[10] Во наредната сезона 2011-12 Девиќ постигнал 11 гола на 26 лигашки натпревари, додека неговиот тим по шести пат по ред го заземал третото место.[11] Металист, таа сезона стигнал до четвртфиналната фаза од Лига Европа, губејќи од португалскиотСпортинг со вкупни 3:2.[12] Девиќ постигнал пет гола и три асистенции за вкупно 484 минути игра во континенталното натпреварување, завршувајќи на осмото место на листата на стрелци.
Тој го напуштил клубот во 2012 година по шест сезони за да му се приклучи на актуелниот шампион на украинската Премиер лига, клубот на Шахтјор Доњецк. Девиќ успеал да постигне 64 гола во 148 првенствени натпревари за екипата на Металист, а 75 од вкупно 192 натпревари во сите натпреварувања.
Шахтјор Доњецк
Девиќ му се приклучил на тимот на Шахтјор во текот на сезоната 2012-13 во Премиер лигата со потпишан четиригодишен договор[13] за сума од 4,4 милиони фунти. Иако во Металист го носел дресот со број 33, тој во новиот клуб го земал бројот 18, затоа што дресот со број 33 веќе му бил доделен на хрватот Даријо Срна. Својот прв натпревар за тимот на Шахтјор го одиграл откако во 77 минута го заменил Алекс Тешеира во победата со 2:0 над екипата на Металург од Доњецк во Суперкупот за 2012 година.[14] Овој успех го одбележал првиот трофеј на Девиќ. Неговиот прв натпревар во првенството за тимот на Шахтјор бил во победата од 6:0 над составот на Арсенал од Киев. Девиќ влегол како замена за играчот Алекс Тешеира во 69 минута. На тој натпревар го постигнал и својот прв гол за својот Шахтјор, од пенал, во 94 минута од натпреварот.[15] Неговиот прв натпревар како стартер дошол во победата над екипата на Волин Луцк со резултат од 4:0. Тој го постигнал првиот гол на натпреварот по само 4 минути игра на асистенција од Хенрих Мхитарјан.[16] Постигнал уште еден гол во победата од 4:1 против составот на Ворскла.[17]
Враќање во клубот на Металист
На 28 февруари 2013 година, Девиќ се вратил во Металист потпишувајќи четиригодишен договор.[18]
Русија
На 27 февруари 2014 година, Девиќ потпишал четиригодишен договор со клубот на Рубин од Казан, каде одиграл 14 натпревари и постигнал 3 гола. Во јануари 2015 година, тој бил испратен како позајмен играч во катарскиот Ал Рајан, каде одиграл 18 натпревари и постигнал 11 голови. Тој му помогнал на својот тим да ја освои Лигата на ѕвездите на Катар.
На 17 јануари 2017 година, Девиќ потпишал договор на една година и половина во Руската Премиер Лига за тимот на ФК Ростов.[19] На 17 јуни 2017 година, по само шест месеци, Девиќ го напуштил Ростов.[20]
Подоцнежна кариера
На 7 август 2017 година, тој се приклучил на екипата на ФК Вадуц.[21]
На 4 август 2018 година, Девиќ потпишал двегодишен договор со тимот на Сабах ФК.[22]
На 16 јануари 2020 година, екипата на Сабах го објавила враќањето на Девиќ со договор до крајот на сезоната 2019-2020.[23] Девиќ го напуштил клубот на Сабах на 24 април 2020 година.[24]
Меѓународна кариера
Во јуни 2008 година, Девиќ станал натурализиран украински државјанин со надеж дека ќе игра за фудбалската репрезентација на Украина.[25] Иако Девиќ не е првиот фудбалер надвор од поранешниот Советски Сојуз кој прифатил украинско државјанство, неговата одлука довела до бројни дискусии во медиумите за придобивање на странски играчи. Првиот интернационалец кој станал натурализиран Украинец бил Мамади Сангаре од Конакри, Гвинеја, кој во 2008 година играл за ФК Десна Чернихив, а претходно за ФК ЦСКА од Киев.
Девиќ имал многу успешна сезона во 2007-08, постигнувајќи 19 гола и станал најдобар стрелец, вршејќи притисок врз селекторот на репрезентацијата Олексиј Михајличенко за да го избере во составот на репрезентацијата. Но, Михајличенко се двоумел, изјавувајќи дека една одлична сезона можеби нема да биде доволна за да го оправда изборот на Девиќ за во составот на репрезентацијата на Украина. Како и да е, тој направил избор и Девиќ бил во составот за пријателскиот натпревар против репрезентацијта на Норвешка на 19 ноември 2008 година.[26] Тој бил третиот натурализиран државјанин на Украина во фудбалската репрезентација во тоа време, заедно со Олександр Алиев и Артем Милевски. Девиќ го одиграл вториот дел од натпреварот и го носел дресот со број 10. Во следните неколку години, неговиот придонес во натпреварите значително опаднал, поради слабиот настап во Премиер лигата, како и не постигнувањето голови за државната репрезентација.
Девиќ бил член на тимот на Украина за УЕФА ЕВРО 2012 година. На 19 јуни 2012 година, тој бил во почетниот состав за натпреварот против репрезентацијата на Англија во последната рунда на натпревари пред четврт-финалето. Украина загубила со резултат од 0:1, со удар со глава на Вејн Руни. Овој натпревар се одиграл на Донбас Арената во Доњецк. На тој натпревар на Девиќ му бил поништен регуларен гол во вториот дел од натпреварот кога Џон Тери ја извадил топката од зад гол линијата.[27] Англија на крајот била победник во групата Д и напредувала заедно со репрезенатацијата на Франција, додека екипата на Украина била елиминирана. „Голот-дух“ на Девиќ повторно ја отворила фудбалската дебата за воведувањето на технологијата во фудбалот, особено за гол-линијата.[28][29][30] Следниот ден, сепак, УЕФА и нејзиниот главен судија, Пјерлуиџи Колина, ја донеле својата конечна пресуда. Имено, официјалните лица на натпреварот погрешно и неправедно ги оштетиле Девиќ и Украина со поништениот гол.[31][32]