Мае (француски: Mahé) — остров во Индискиот Океан, во североисточниот дел на Сејшелите и најголем остров во архипелагот со 157,3 км2. Во 2010 г. имал 77.000 жители[1], што претставува 86% од вкупното население на државата. На него е сместен главниот град на Сејшелите, Викторија. Островот е наречен во чест на францускиот поморски офицер Бертранд-Франсоа Мае де ла Бурдоне (1699 - 1753), управник на Маврициус.
Највисок врв е Морн Сејшелоа (905 м), кој се наоѓа во истоимениот национален парк. Жителите се сместени претежно во северните и источните делови на островот, каде се наоѓа и меѓународниот аеродром. Во јужниот и западниот дел се сместени морските национални паркови „Залив Терне“, „Порт Лоне“ и Универзитетот на Сејшелите. Понатаму во морето е расположен морскиот национален парк Света Ана, како и островите Консептион, Терез, Аноним и неколку помали островчиња.
Историја
Мае први го посетиле Англичаните во 1609 г., а потоа останал непосетен сè до 1742 г. со експедицијата на Лазар Пико. На 1 ноември 1756 г. во денешна Викторија пристигнала фрегатата „Серф“ (Елен) предводена од Корнеј Никола Морфе, кој го прогласил островот за владение на кралот на Франција. Експедицијата положила „камен на сопственост“ кој денес е изложен во Националниот музеј.
Во август 1801 г. британската фрегата „Сибил“ ја зазела француската фрегата „Шифон“ на островот. Во 1812 г. Мае потпаднал под британска власт и колонијално владение сè до осамостојувањето на Сејшелите во 1976 г.
Околина
Во шумите на Мае виреат ендемски растенија кои се среќаваат само на Сејшелите, како што се критично загрозеното медузино дрво (Medusagyne oppositifolia), месојадното сејшелско бардаче (Nepenthes pervillei) и голем број видови орхидеи.
Во подрачјата на Бел Омбре и пристаништето на Викторија е спроведен голем зафат за мелиорација поради недостатокот од станбен простор.[2]
Стопанство
Островот живее претежно од туризмот и риболовот на туна, која се конзервира.
Управа
Островот е поделен на повеќе окрузи.[3]
Поврзано
Галерија
-
Карта на Мае
-
Поглед на Викторија
-
Улица во Викторија
-
Поглед на Мае
-
Плажа
-
Пристаниште
-
Плажата на Порт Лоне
Наводи
Надворешни врски
|
„Мае“ на Ризницата ? |