Хашимитско Кралство Ирак (арап.المملكة العراقية الهاشمية) ― кралство на Блискиот Исток управувано од династијата Хашимити, кое постоело од 1932 до 1958 година.
Официјалната улога на Обединетото Кралство во администрирањето на Кралството Ирак завршила во 1932 година, [1] откако претходно бил склучен Англо-ирачкиот договор (1930). Новоформираното целосно независно кралство, официјално наречено Хашимитско Кралство Ирак, поминало низ турбулентен период во текот на целото свое постоење. Воспоставувањето на сунитската верска доминација во Ирак било проследено со асирски, јазиди и шиитски бунтови, и сите биле брутално задушувани.[2] Во 1936 година, во Хашимитското Кралство Ирак имало воен удар, а Бакр Сидки го заменил премиерот со свој соработник. Во следниот период на политичка нестабилност имало уште неколку државни удари, а нестабилноста кулминирала во 1941 година.
Во 1945 година, за време на последните фази од Втората светска војна, Ирак се приклучил на Обединетите нации и бил основач на Арапската лига. Во 1948 година, низ Багдад имало масовни и насилни протести со кои народот со поддршка од комунистите го изразил негодувањето за владиниот договор со Британците. Протестите завршиле во мај, откако била воведена воена состојба затоа што Ирак, заедно со другите членови на Арапската лига влегол во Арапско-израелската војна.
Во февруари 1958 година, кралот Хусеин од Јордан и принцот Абд ал-Илах предложиле унија на Хашимитските монархии за да се спротивстават на претходно формираната Египетско-сириска унија. На 14 февруари 1958 година била формирана Арапска федерација, но траела кратко и истата година Абд ал-Карим Касимсо воен удар ја соборил монархијата.
↑Gareth Stansfield; Anderson, Liam D. (2004). The Future of Iraq: Dictatorship, Democracy or Division?. Basingstoke: Palgrave Macmillan. ISBN1-4039-6354-1.
↑Taqoosh, Muhammad Sahil (2015). تاريخ العراق (الحديث والمعاصر) [Modern and contemporary history of Iraq] (арапски). Dar Al-Nafaes. стр. 190–191.
↑Husni, Abd Al-Razaq (1953). تاريخ الوزارات العراقية [History of Iraqi Ministries]. стр. 38–39 chapter 6.