Членовите на семејството Камили се големи животни со тенки вратови, долги нозе и се строго тревопасни. Се разликуваат од вистинските преживари во повеќе нешта. На горната вилица се забележуваат остатоци од некогашни средишни секачи, а третите секачи станале песјачки бивни. Имаат и вистински песјаци и бивнолики преткатници, одделени од катниците со празнини. Мускулатурата на заедните нозе се разликува од онаа на другите копитари по тоа што нозете се споени со телото само во горниот дел на бутините, наместо со кожа и мускули од колената надолу. Поради ова, камилите одмораат клечејќи, со нозете пикнати под себе.[1] Имаат трикоморен наместо четирикоморен дигестивен систем, а горните усни им се поделени на два самостојни дела. Покра ова, како исклучок од сите цицачи, камилите имаат елиптични црвени крвни зрнца. Имаат и уникатен вид на антитела без лесна верига, покрај нормалните антитела што се среќаваат кај останатите цицачи. Овие таканаречени „тешковерижни антитела“ се користат во науката во обид за добивање на еднодоменски антитела со потенцијална примена во фармацевтската индустрија.
Немаат копита, туку по два прста со мека обвивка (мозолка). Таа игра улога на перниче, за да ја ублажи тежината на животното. Јужноамериканските видови живеат на стрмни терени, па затоа можат да ги поместуваат обвивките за да го задржат фатот на косините.[2] Многу од фосилните камили имале и прсти и копита, за разлика од сите денешни видови.[3]
Афроазиските камили се особено прилагодени на сурови и речиси безводни живеалишта. Дивите двогрби камили можат да пијат дури и соленикава вода, а некои стада живеат на места кајшто се вршеле атомски проби.[4]
Еволуција
Камилите се необични по тоа што нивниот денешен ареал дава речиси обратна слика од првичниот. Камилите се јавиле во најраната еволутивна фаза на парнокопитните, во средината на периодот еоцен, пред околу 45 милиони години, на територијата на денешна Северна Америка. Првите пракамили како Protylopus биле со големина на зајак и сè уште имале по четири прсти на стапалата. При крајот на еоценот (пред околу 35 милиони години), пракамилите како Poebrotherium ги изгубиле двата странични прста, и достигнале големина на коза.[3][5]
Подоцна семејството доживеало подем и развила разнообразие, но останала на северноамериканскиот континент сè до пред 2-3 милиони години, кога некои од нив пристигнале во Азија и (со образувањето на Панамската Превлака) во Јужна Америка.
Фосилите укажуваат на поголема разновидност од денес. На пример, северноамериканскиот род Titanotylopus, бил висок 3,5 м кај плеќите, во споредба со само 2 м кај најголемите денешни камили. Постоеле и мали газелолики камили, како оние од родот Stenomylus. Покрај ова, имало и многу витки и високи камили, налик на жирафи, што биле приспособени за брстење од високите дрвја. Такви родови се Aepycamelus и Oxydactylus.[3]
↑ 1,01,1Clutton-Brock, Juliet (1987). A Natural History of Domesticated Mammals. стр. 208. ISBN0-521-34697-5.
↑Franklin, William (1984). Macdonald, D. (уред.). The Encyclopedia of Mammals. New York: Facts on File. стр. 512–515. ISBN0-87196-871-1.
↑ 3,03,13,2Savage, RJG, & Long, MR (1986). Mammal Evolution: an illustrated guide. New York: Facts on File. стр. 216–221. ISBN0-8160-1194-X.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
↑Palmer, D., уред. (1999). The Marshall Illustrated Encyclopedia of Dinosaurs and Prehistoric Animals. London: Marshall Editions. стр. 274–277. ISBN1-84028-152-9.