Зоја Бузалковска

Зоја Бузалковска

Зоја Бузалковска (Скопје, 6 февруари 1971) — театарска режисерка и професорка по Глумечка игра на Факултетот за драмски уметности - Скопје.

Образование

Во 1997 година дипломирала Новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во 1998 година Театарска режија на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На Институтот за македонска книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје во 2010 година магистрирала на тема „Редефинирањето на границите на културата во практиката на Cirque du Soleil“ со што се стекнала со звањето магистер по културологија, а на Факултетот за драмски уметности во 2012 година магистрирала со претставата „Калигула“ и писмениот труд „Примена на медуза-стратегијата во претставата 'Калигула' на НТ „Војдан Чернодрински“ од Прилеп“, со што се стекнала со звањето магистер по уметности во областа на театарската режија.

Академска и педагошка дејност

Од 2000 година Зоја Бузалковска започнува да се занимава со педагошка дејност на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде се стекнува со звањето помлад асистент. На ФДУ се вработува во 2003 година, напредувајќи во звањата од асистент, преку доцент до вонреден професор по Глумечка игра.
Денес Бузалковска води своја класа Драмски глумци. Исто така, таа им предава Основи на глумечка игра на студентите од одделот соло пеење на Факултетот за музичка уметност, а на ФДУ повремено предава и Основи на театарска режија. Како режисер и педагог, Бузалковска повеќепати учествувала на меѓународни средби, семинари и работилници, меѓу кои: 14 Меѓународен симпозиум на театарски критичари и предавачи, „Глумецот е мртов, да живее глумецот“, во рамките на Стеријино Позорје - Нови Сад, со трудот „Креативниот конфликт на Станиславски и Мејерхољд и можното соединување на нивните системи“; Меѓународниот фестивал на театарски академии во Ѓаково, Хрватска; Меѓународните средби на театарските факултети OLIVE, одржани во Букурешт, Софија, Тел Авив, Корзика; семинарот „Достоевски и Вајда“ во Санкт Петербург, Русија; семинарот „Новите технологии и театарот“, БЕЛЕФ 2000, Белград, Србија; Меѓународниот семинар за млади режисери „Словенски пазар 101“, НЕТ Фестивал, Москва, Русија и други.

Театарска режија

Од своето дипломирање во 1998, Бузалковска режирала 20 театарски претстави во повеќе театри низ Македонија, а работела и во Театарот на Камбурова во Москва, Русија. Некои од нејзините најзначајни остварувања се претставите „Ојдипус Тиранос Софоклеус“, „Тхе Ловер“, „Поручникот од Инишмор“ и „Како се станува цар“ во Драмскиот театар во Скопје, претставите „Таму каде што не сум бил“ и „Калигула“ во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, „Да се заборави Херострат!“ во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, како и независните проекти „АРТ“ и „Кротка“ со продукцијата „Проартс“ и Културниот центар „Точка“ во Скопје и претставата „Спиноза“, копродукција на Мал драмски театар од Битола и Драмскиот театар од Скопје. Во 2006 година, во Москва, Бузалковска со голем успех ја поставува претставата „Среќни патишта“/„Bakhtale dromensa“, според поемата „Цигани“ од Пушкин.

Фестивали

Претставите на Зоја Бузалковска учествувале на повеќе значајни фестивали како во државата, така и во странство (НЕТ Фестивалот во Москва, Русија; Московскиот театарски фестивал; Фестивалот „Златен Витез“, Москва; Балканскиот млад меѓународен фестивал во Софија, Бугарија; МЕСС – Сараево, БиХ; Меѓународниот фестивал на глумецот во Никшиќ, Црна Гора; Третиот меѓународен фестивал во Пазарџик, Бугарија; МОТ, Скопје; Охридско лето; МТФ „Војдан Чернодрински“; ФКТ „Ристо Шишков“; Фестивалот на античка драма, Стоби). Претставата „Ојдипус Тиранос“ е првата претстава одиграна на македонски јазик во Грција по осамостојувањето на Македонија, преку културна размена, во театарот НОТОС во Атина.

Награди и признанија

Театарските остварувања на Бузалковска се високо вреднувани од театарската критика, домашна и странска. Во 2006 година, Бузалковска е наградена со Златна диплома за најдобро режисерско деби на московските театарски сцени на Московскиот театарски фестивал, Русија, за претставата „Среќни патишта/Bakhtale dromensa“, а во 2007 година на Меѓународниот фестивал на Античка драма во Стоби добива Гран-при за најдобра претстава, најдобра режија и најдобра главна машка улога, за претставата „Да се заборави Херострат!“ Повеќе глумци кои играле во нејзините претстави се наградени за врвни глумечки остварувања, некои од кои: Славица Ковачевиќ-Јовановска, наградена со Гран-при за главна женска улога во претставата „Песочна сложувалка“ на Меѓународниот фестивал на глумецот во Никшиќ, Црна Гора; Љубов Матјушина, која ја доби наградата за најдобра споредна улога за претставата „Среќни патишта“ на Фестивалот „Златен витез“ во Москва, Русија, Дејан Лилиќ со наградите на Екран за улогите во „Тхе ловер“ и „Ојдипус Тиранос Софоклеус“, Александар Степанулески, кој беше прогласен за Најдобар млад глумец на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Калигула, и други.

Режии на театарски претстави

  • 2023 - Иванов од А. П. Чехов, МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР Скопје, Македонија;
  • 2023 - Емигранти од Славомир Мрожек, ДРАМСКИ ТЕАТАР Скопје, Македонија;
  • 2021 - Чудна случка со кучето во ноќта од Сајмон Стивенс, ДРАМСКИ ТЕАТАР Скопје, Македонија;
  • 2018 - Фестен од Томас Винтерберг, ДРАМСКИ ТЕАТАР Скопје, Македонија;
  • 2015 - ВУЈКО ВАЊА од А. П. Чехов, МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР Скопје, Македонија;
  • 2014 - ЖДРЕЛО од Жанина Мирчевска, ДРАМСКИ ТЕАТАР, Скопје, Македонија;
  • 2011 - КАЛИГУЛА од Албер Ками, НАРОДЕН ТЕАТАР „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“, Прилеп, Македонија;
  • 2010 - СПИНОЗА од Гоце Смилевски, Мал драмски театар - Битола; Драмски театар - Скопје; МНТ - Скопје; Скопско лето, Македонија;
  • 2010 - ГНЕВ од Стивен Кинг, ФДУ-Скопје; Драмски театар - Скопје, Македонија; (дипломска претстава на студентите од класата 2006/2010)
  • 2010 - www.norveshka.denes.com.mk од Игор Бауершима, АЛБАНСКИ ТЕАТАР, Скопје, Македонија;
  • 2009 - ТАМУ КАДЕ ШТО НЕ СУМ БИЛ од Жанина Мирчевска, НАРОДЕН ТЕАТАР „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“, Прилеп, Македонија;
  • 2008 - МОМЧЕТО СО КУФЕР од Мајк Кени, ДЕТСКИ ТЕАТАРСКИ ЦЕНТАР, Скопје, Македонија;
  • 2008 - МОСТОТ од Јетон Незирај, ДЕТСКИ ТЕАТАРСКИ ЦЕНТАР, Скопје, Македонија;
  • 2007 - ДА СЕ ЗАБОРАВИ ХЕРОСТРАТ! од Григориј Горин, ТЕАТАР „ЈОРДАН ХАЏИ-КОНСТАНТИНОВ-ЏИНОТ“, Велес, Македонија;
  • 2006 - ХЕНРИ ПЕТТИ од Игнас Корнелисен, ДЕТСКИ ТЕАТАРСКИ ЦЕНТАР, Скопје, Македонија;
  • 2006 - СРЕЌНИ ПАТИШТА/BAKHTALE DROMENSA (поема-рапсодија), според поемата ЦИГАНИ од А.С.Пушкин, ТЕАТАР ЗА МУЗИКА И ПОЕЗИЈА, п/р на ЕЛЕНА КАМБУРОВА, Москва, РУСИЈА;
  • 2005 - ПОРУЧНИКОТ ОД ИНИШМОР од Мартин Мекдонах, ДРАМСКИ ТЕАТАР СКОПЈЕ, Скопје, Република Македонија;
  • 2003 - КАКО СЕ СТАНУВА ЦАР од Афродита Кирјаковска, ДРАМСКИ ТЕАТАР СКОПЈЕ, Скопје, Република Македонија;
  • 2003 - КРОТКА (според Ф.М. Достоевски, во адаптација на Зоја Бузалковска), ПРОАРТС, Скопје, Република Македонија;
  • 2002 - ЕЛИН од Теодора Димова, ДЕТСКИ ТЕАТАРСКИ ЦЕНТАР - СКОПЈЕ/НАРОДЕН ТЕАТАР КУМАНОВО - Куманово, Република Македонија;
  • 2001 - АРТ од Јасмина Реза, ПРОАРТС / Јавен Културен Простор ТОЧКА - Скопје, Република Македонија;
  • 2001 - РОМЕО & ЈУЛИЈА СЕГА (според „Ромео и Јулија“ од Вилијам шекспир и „Сирано Де Бержерак“ од Едмон Ростан), НАРОДЕН ТЕАТАР КУМАНОВО - Куманово, Република Македонија;
  • 2001 - mACEDOINE - Одисеја 2001, во режија на Иван Поповски;, NARODEN ТЕАТАР БИТОЛА - ДРАМСКИ ТЕАТАР СКОПЈЕ, во копродукција со ОХРИДСКО ЛЕТО и МОТ, Охрид, Република Македонија (Соавтор на драмската композиција, драматург и асистент по режија);
  • 2000 - МК-ЗОНА НА САМРАКОТ (според текстовите „Филаделфија“, „Некогаш одамна и далеку некаде“ и „Зборови, зборови, зборови“, од Дејвид Ајвс), НАРОДЕН ТЕАТАР БИТОЛА - Битола, Република Македонија;
  • 1999 - ПЕСОЧНА СЛОЖУВАЛКА од Јана Добрева, МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР - Скопје, Република Македонија;
  • 1998 - ТХЕ ЛОВЕР (заснована на драмите „Љубовникот“ од Харолд Пинтер, „Мочуриште“ и „Сладолед“ од Керил Черчил и „Филип Глас купува векна леб“ од Дејвид Ајвс) - ДРАМСКИ ТЕАТАР - Скопје, Македонија; дипломска работа - професионална продукција,
  • 1997 - ОЈДИПУС ТИРАНОС СОФОКЛЕУС (заснована на „Ојдип Тиранинот“ од Софокле); ДРАМСКИ ТЕАТАР - Скопје, Македонија, (испитна претстава од III година и прва професионална продукција).

Надворешни врски

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!