Европска банка за обнова и развој (англиски: European Bank for Reconstruction and Development; скратено ЕБОР или ЕБРД) — меѓународна развојна банка, која користи и употребува инвестиции како алатка за помош и поткрепа во изградбата на пазарни економии. Првично нејзината работа била насочена кон земјите од поранешниот Источен блок, но подоцна била проширена и го поддржувала развојот во демократиите во 30 земји од средна Европа и средна Азија. Покрај земји од Европа, земји-членки на ЕБОР има од вкупно пет континенти (Северна Америка, Африка, Азија и Австралија), додека најголем акционер во банката се САД, па така можеме да кажеме дека името е „грешка“. Седиштето на банката се наоѓа во Лондон, а самата банка е поседува од 64 држави и две институции на Европската унија. И покрај тоа што нејзините акционери се држави, таа најмногу инвестира во приватни претпријатија, заедно со комерцијални партнери.
ЕБОР не треба да меша со сличната банка, Европска инвестициска банка (ЕИБ), која е поседувана од земјите-членки на ЕУ и ја поддржува политиката на ЕУ.
Историја
ЕБОР била основана во 1991 од претставници од 40 земји од три континенти и две европски институции откако бил постигнат договор за статутот на банката, големината и распределбата на моќта помеѓу акционерите.[1]
ЕБОР била основана како поддршка на процесот за воспоставување на сопствен приватен сектор во земјите од поранешниот Источен блок.[4] Како поддршка на процесот, нудела проекти за финансирање на банки, различни индустриски дејности и компании, за основање нови фирми или пак поддршка на веќе постоечките. Работела и со јавно поседуваните претпријатија како поддршка при нивната приватизација, како застапувач на Светската трговска организација од 1980-тите[5] и подобрување на општинските услуги.
Целта на ЕБОР е да работи единствени во земји кои се насочени кон демократските принципи. Промовирала и поддржувала проекти за заштита на животната средина и одржлив развој и не финансирала активности поврзани со одбраната, тутунската индустрија, одредени алкохолни пијалаци, некои средства забранети со меѓународното право и одредени коцкарски објекти.
Критика
Некои невладини организации упатувале критики кон ЕБОР за финансирање на проекти за кои сметале дека се штетни за животната средина и општо кон општеството. Иако банката во изминативе години ги зголемила нејзините инвестиции кон проекти за енергетска ефикасност и одржлива енергија, овие невладини организации сметале дека банката продолжува да намалува ефектите од овие зелени инвестиции преку финансирање на проекти во кои се вклучени јаглен, производство на нафта и земен гас, пренос и производство, автопати и аеродроми.[6][7] Меѓу проектите кои се нашле под критика се изградбата на хидроцентрала на реката Омбла во Хрватска,[note 1] златниот рудник Кумтор во Монголија и термоцентралата на јаглен во Шоштањ во Словенија.
Невладините организации исто така ја критикувале банката поради недостиг на напредок во постигнување и остварување на главната мисија на ЕБОР, „преминот кон отворена и демократска пазарна економија“.[8][9] На пример, ЕБОР објавила дека 67% од луѓето во земјите каде ги вложува парите сметаат дека корупцијата била на исто или повисоко ниво во 2006 отколку во 1989.[10]
ЕБОР нуди заеми, гаранции, лизинг, структурни кредити и други програми за поддршка. Опсегот на директните инвестиции се движи од 5 милиони евра до 230 милиони евра. Помалите проекти се финансираат или директно од ЕБОР или преку финансиски посредници. Страницата на ЕБОР наведува дека помогнала во финансирање на над еден милион помали проекти преку посредници т.е. преку пласирање на заеми преку локалните деловни банки, мали развојни банки, капитални фондови и лизинг институции.
За некој проект да биде прифатен од ЕБОР, „проектот мора да биде сместен во некоја земја на финансирање од ЕБОР, да има силни трговски изгледи, да вклучува значаен придонес во капиталот во готовина или од некоја трета страна, да има корист локалната економија и да го помага развојот на приватниот сектор и да ги задоволува банкарските и еколошките стандарди“.
ЕБОР изјавува дека вообичаено финансира до 35 центи од вкупните трошоци на проектот за нова инвестиција (или т.н. гринфилд) или 35 центи за долгорочни проекти. Исто така се побарува значајни придонеси кон капиталот од трети страни, други кофинансиери или капитал обезбеден преку на друг начин, која мора да биде еднаков или поголем од инвестицијата на ЕБОР.
Од започнување на финансирање проекти во 1991, досега единствено Чешка успеала да напредне од земја примач на срества во земја давач на средства во рамките на ЕБОР. Тоа се случило во 2007.[15]
ЕБОР во Македонија
ЕБОР е активна во Македонија уште од 1993 година.[16] Заклучно до 2012 година, во Македонија била поддржани вкупно 82 проекти во вкупна вредност од 2,174 милијарди евра.[17] Вредноста на компаниите со кои биле остварени овие проекти изнесува над една милијарда евра, додека вкупната исплата на средства од страна на банката достигнала нешто под 600 милиони евра. Моментално банката сè уште учествува со околу 47 проекти.[17] Банката во 2012 година потпишала вкупно 17 проекти, вредни околу 157 милиони евра. Во 2012 година банката особено била активна и во финансирањето на локалните деловни банки, како што била кредитната денарска линија за кредитирање на микро, мали и средни претпријатија.[17] Распределбата на портфолиото по сектори е: 56% за инфраструктура и енергетика, 11% за финансиски институции, 26% за енергија и 6% за трговија, индустрија и земјоделство.[17] Долгот претставува главен инструмент (94%), а сопствениот капитал е концентриран во секторот на финансиските институции. Одобрените проекти на ЕБОР имале мобилизирано дополнителни 478 милиони евра коинвестиции од спонзори, кофинансиери и дарители, што претставува мултипликатор од 1,5.
Банката, исто така, мобилизирала 11,2 милиони евра како техничка помош за Република Македонија, со 61 проект за техничка соработка (ТС), главно, во банкарскиот сектор, секторот за телекомуникации, транспорт и за општините.
Еден од најголемите поддржани проекти во последниов период претставува проектот за изградба на долгонајавуваната и донекаде контроверзна изградба на железничката пруга до Бугарија, како дел од европскиот коридор 8, која треба да обезбеди железничка линија помеѓу Скопје и Софија, а со тоа и на Македонија и Бугарија.[17][18]