Дневникот на една млада девојка, позната и како Дневникот на Ана Франк, е книга составена од списи од дневникот кој го водела Ана Франк додека се криела две години со своето семејство за време на окупацијата на Холандија од нацистичка Германија. Нејзиното семејство било приведено во 1944 година, а Ана Франк починала од тифус во концентрациониот логор Берген-Белзен наредната година, на 15-годишна возраст. Дневникот бил зачуван од Мип Гиз, која веднаш по завршувањето на војната го предала на таткото на Ана, Ото Франк, единствениот од семејството за кој се знае дека ја преживеал војната. Денес дневникот е објавен на повеќе од 60 јазици. Книгата во повеќе истакнати извори се вбројува како една од најдобрите книги на 20 век.[1][2][3][4][5]
Дневникот добил широко критичко и популарно внимание по неговиот превод на англиски јазик во 1952 година. Тој е напишан на холандски јазик и првично е објавен под насловот „Тајниот анекс. Дневни белешки 14 јуни 1942 – 1 август 1944“ (на холандски: Het Achterhuis. Dagboekbrieven van 14 Juni 1942 – 1 Augustus 1944) во Амстердам во 1947 година. Неговата популарност била инспирација за претставата „Дневникот на Ана Франк“ од 1955 година на сценаристите Фрeнсис Гудрич и Алберт Хекет, кои го прилагодиле и за екранизација во филмска верзија од 1959 година.
Оригиналната холандска верзија на дневникот е достапна на семрежјето откако авторското право истекло на 1 јануари 2016 година, 70 години по смртта на авторот, како резултат на општото правило во законот за авторски права на Европската Унија.[6][7]
↑Attard, Isabelle (1 January 2016). „Vive Anne Frank, vive le Domaine Public“ [Long live Anne Frank, long live the Public Domain]. Архивирано од изворникот на 2019-06-29. Посетено на 8 July 2019. The files are available in TXT and ePub format.