Реката тече северно низ градовите Меркиш Буххолц и Прирос. Кај Меркиш Буххолц во реката се влева поплавниот канал Даме, кој ја носи водата од горните текови на реката Шпре во Лајбш. Кај Прирос во Даме се влеваат две притока, Шторковер Гевесер од десната страна и Тојпицер Гевесер од левата страна. Обете притоки создаваат синџир на поврзани езера.[1]
Северно од Прирос Даме тече низ бројни езера, вклучувајќи ги Долгенско, Крипелско и Кримникско Езеро пред да помине низ градот Кенигс Вустерхаузен. Цернсдорфер Ланкензе се влева во Крипелското Езеро како десна притока. Кај Кенигс Вустерхаузен реката Ноте се влева како лева притока.[1]
Низводно од Кенигс Вустерхаузен реката е поврзана со Меленцугското Езеро на десната страна, а кратко потоа е поврзана со Гросер Цуг и Кросинското Езеро на истиот брег. Потоа Даме се влева во Цојтенското Езеро, кое е поврзано со Сединското и Големото Езеро во предградијата на Берлин. Даме излегува од Големото Езеро, кратко пред да се влие во реката Шпре кај Кепеник, историски град, сега предградие на Берлин.[1][2]
Пловност
Даме е пловна од горниот тек во Меркиш Буххолц, иако реката над Прирос е плитка и обично се користи само за рекреација. Кануата и сличните пловила можат да поминат низ браната близу Меркиш Буххолц да влезат во поплавниот канал Даме, кој е потоа пловен до неговата раскрсница со горниот тек на Шпре. Шторковер Гевесер е пловен до Шармицелското Езеро, додека Тојпицер Гевесер до Тојпицерското Езеро. Реката Ноте е исто така пловна, како и поголемиот број езера со кои е поврзана.[1]