Граница — линија која во географијата претставува линија помеѓу две политички сушности, како што се држави, области, територии, општини. Границите се поставуваат преку согласност меѓу политичките сушности што ги контролираат односните региони, а создавањето на ваквата согласност се нарекува гранична делимитација.
Некои граници, како меѓуопштинските и границите меѓу регионите во рамките на една држава, се најчесто отворени, и сосема неконтролирани. Други граници се делумно или сосема контролирани, и може да се преминат на граничен премин. Границите може да имаат тампон-зона.
Во минатото многу граници не биле со јасно определени линии, што денес не е случај. Со цел проверка на границата, како гранични премини се сметаат аеродромите и пристаништата. Повеќето земји имаат своја гранична контрола заради регулирање или забрана на движењето на луѓето, животните и добрата во и надвор од земјата. Според меѓунароните закони, на секоја земја ѝ е дозволено да донесе свои закони и прописи кои треба да се почитуваат за да се помине границата.
На некои гранични премини потребни се документи како пасош и виза, или друг вид на документ, на пример лична карта, за да можат луѓето да ја преминат границата. За пренос на добра преку границата често е потребно да се плати акциза, а за животните што ги пренесуваат луѓето, може да биде побарано да се стават во карантин поради заштита од ширење на заразни болести. Во повеќето земји, забрането е да се внесе нелегална дрога или загрозени животни. Пренесување на добра, животни или луѓе на нелегален начин преку граница се смета за криумчарење. Ако границата се преминува со возило, се проверува осигурувањето и други формалности поврзани со возилото.
На места каде криумчарењето и миграцијата се проблем, се поставуваат огради на границата. Границите меѓу земјите што припаѓаат на Шенген-зоната како и селските делови од канадско-американската граница, речиси да не се обележани.