Голема кашилица или пертусис — високозаразно бактериско заболување, кое може да биде превенирано со вакцина.[1][10][11] Почетните симптоми обично се слични на оние на обичната настинка со течење на носот, треска, и блага кашлица, но тие се проследени со тешка кашлица која трае два до три месеци.[1] По нападот на кашлица, се јавува задишување.[1] Тешката кашлица може да трае до 10 и повеќе недели, па оттука доаѓа фразата „100-дневна кашлица“.[3] Кашлицата може да биде до толку изразена што може да предизвика замор, повраќање, скршеници на ребрата.[1][2] Децата помали од една година може да кашлаат малку или воопшто да немаат кашлица, а наместо тоа да имаат периоди со отежнато дишење.[1]Инкубацискиот период вообичаено е седум до десет дена.[12] Болеста може да се развие и кај вакцинирани, но симптомите обично се полесни.[1]
Причинител и дијагноза
Големата кашлица ја предизвикува бактеријата Bordetella pertussis.[4] Лесно се шири преку кашлање и кивање на заразено лице.[4][13] Заразата се шири од почетокот на симптомите до околу три недели од нападите на кашлица.[7] Пациентите третирани со антибиотик не се заразни после пет дена.[7] Дијагнозата се поставува со брис од нос и грло.[5] Примерокот потоа се тестира со култура или со полимераза верижна реакција.[5]
Спречување и третман
Превенцијата е со вакцинација со вакцина против голема кашлица.[6] Иницијална имунизација се препорачува помеѓу шестата и осмата недела од раѓањето, со четири дози кои се даваат во првите две години од животот.[14] Заштитата од голема кашлица се намалува со тек на времето, па дополнителни дози се препорачливи кај поголеми деца и возрасни.[15] Вакцинација за време на бременоста е високо ефикасна во заштита на новороденчето од голема кашлица за време на првите ранливи месеци од животот, и се препорачува во многу земји.[16] Антибиотици може да се користат за превенција кај лица кои биле изложени и кај кои постои ризик за појава на тешка болест.[17] Кај заболените, антибиотиците се корисни ако нивното земање започне во првите три недели од иницијалните симптоми, во спротивност имаат мал ефект кај повеќето пациенти.[7] Кај бремените жени и децата помали од една година, антибиотиците се препорачуваат во првите шест недели од појавата на симптомите.[7] Антибиотици кои се користат се еритромицин, азитромицин, кларитромицин, или триметоприм/сулфаметоксазол.[7] Доказите за третмани и интервенции против кашлицата, освен за антибиотиците, се слаби.[18] Околу 50% од инфицираните деца помали од една година имаат потреба од хоспитализација и околу 0.5% (1 во 200) резултираат со смртен исход.[1][2]
Епидемиологија и историја
Се проценува дека 16.3 милиони луѓе во светот биле инфицирани во 2015 година.[8] Повеќето случаи се јавуваат во земјите во развој, и луѓето од сите возрасти може да бидат зафатени.[6][18] Во 2015, големата кашлица резултирала со 58.700 смртни случаи – што е намалување од 138.000 случаи во 1990 година.[9][19] Епидемии на болеста за прв пат биле опишани во 16-ти век.[12] Бактеријата која ја предизвикува болеста била откриена во 1906 година.[12] Вакцината против голема кашлица станала достапна во 1940-те.[12]
↑Carbonetti NH (June 2007). „Immunomodulation in the pathogenesis of Bordetella pertussis infection and disease“. Current Opinion in Pharmacology. 7 (3): 272–8. doi:10.1016/j.coph.2006.12.004. PMID17418639.