Банката на Албанија (албански: Banka e Shqipërisë) — централна банка на Република Албанија.
Историја на банката
По прогласувањето на независноста на Албанија, на 28 ноември 1912 година, една од главните грижи на албанската влада, предводена од Исмаил Кемал Беј Валона, била закрепнувањето на кредитната банка во Албанија која ги развила своите активности во согласност со нормите на банките на европските држави. Исмаил Валона ја предвидувал народната банка како финансиска институција која првенствено има за цел економски развој на земјата, додека профитот требало да се оствари преку самиот развој и стабилизирањето на независната албанска држава. Не залудно, тој ја опишал Народната банка како „…втора победа по слободата“. Владата на Исмаил Валона, на 4 октомври 1913 година, ја потпишала првата концесија за формирање на Националната банка на Албанија, заедно со претставниците на двете најистакнати финансиски групи, Винер банка и Банка комерцијале италијана. Сепак, во драматичните случувања за време на Првата светска војна, Народната банка на Албанија не била во можност да работи. По потврдувањето на независноста на Албанија со меѓународните акти од 1921 година, се воделе бројни дискусии за повторно воспоставување на националната банка, што станало реалност со договорот склучен од Муфид Либох во име на албанската влада и Марио Алберт во име на групата банки. Италијански финансиски административен центар на Народната банка на Албанија бил градот Драч, додека административниот комитет бил со седиште во Рим.[1]
Народната банка на Албанија била основана на 2 септември 1925 година и во февруари 1926 година ја вовела првата албанска национална валута - „златен франк“ со своето подмножесвто „лек“. Од своето основање, Народната банка на Албанија го усвоила златниот стандард кој во тоа време функционирал во многу земји. Според основачката конвенција, банката требало да има резерви од скапоцен метал еднакви на една третина од издадените банкноти. Банката на Албанија работела како монопол во тек на 10 години, а од 1938 година била изложена на силна конкуренција од албанската филијала на Банката на Неапол и од Националната банка на трудот. Во тој период, таа го зголемила кредитирањето и со тоа ја задржала доминантната позиција на албанскиот пазар.[1]
На 13 јануари 1945 година бил донесен закон со кој се укинала конвенцијата на Народната банка на Албанија и нејзините активности. Истиот ден бил донесен и Органскиот закон на Државната банка на Албанија. Оваа банка била основана како важна институција на финансискиот систем на албанската држава. Во текот на 1945 година, Државната банка на Албанија ја започнала својата активност во областа на издавање валути и заеми. Со декретот бр. 445, на 7.7.1945 година, „за повлекување на банкнотите наречени франци и за ново издание“, како нова валута бил прогласен лекот. Од февруари 1946 година до крајот на 1990 година, Државната банка го поддржувала развојот на социјалистичката економија. Во овој период, во Албанија работеле ограничен број банки, а главната одлика од тоа време била екстремната централизација на овој систем во рацете на државата. Со собирање привремени бесплатни средства, Државната банка на Албанија обезбедувала краткорочни и долгорочни заеми на претпријатијата и земјоделските задруги, извршувала благајнички услуги, одржувала сметки за приходите и расходите, спроведувала финансиско работење на претпријатијата и сл. На почетокот на 1990-тите, промените во политичкиот систем во Албанија довеле до одвојување на централната банка од комерцијалните банки. Банката на Албанија била основана со донесувањето на Законот бр. 2 од 22 април 1992 година. Тогаш, Банката на Албанија ги добила соодветните функции на конвенционална централна банка, со основна цел одржување на ценовната стабилност и ефикасноста на финансискиот систем.[1]
На 30 октомври 2015 година, Банката на Албанија организирала церемонија на отворањето на својата реконструирана зграда на седиштето, што се совпаднало и со отворањето на музејот на Банката на Албанија. Проектот за реконструкција на Банката на Албанија овозможил да се создаде средина со подобри и посовремени услови за работа, како и административно да се одделат функциите на Банката. Всушност, новиот проект ја олеснил нејзината комуникација со пошироката јавност, создавајќи покомплетен и транспарентен однос со јавноста.[2]
Цели, задачи и функции на банката
Законски и други акти
Главни закони кои се однесуваат на Банката на Албанија и на банките и небанкарските финанансиски институции што ги лиценцира таа се:[3]
- Законот за Банката на Албанија
- Законот за банките во Република Албанија
- Законот за штедни и кредитни синдикати
- Законот за вонредно закрепнување и интервенција во банките во Република Албанија
- Законот за платен промет
Статутот ги дефинира институционалните, административните и оперативните процедури на Банката на Албанија во согласност со нејзиниот органски закон.[4]
Членот 161 од Уставот на Албанија и Законот 8269/1997 за Банката на Албанија ги дефинираат целите, должностите, односите со банкарскиот и државниот систем, организацијата и раководењето, капиталот, финансиските извештаи и дистрибуцијата на профитот. Според овие пропсиси, централната банка е автономна и независна за остварување целите и задачите. Визија на Банката на Албанија е да го зајакне доброто раководење, со зајакнување на независноста, со зголемување на одговорноста и транспарентноста, со цел да се зголеми довербата на јавноста во самата банка.[5]
Како издавач на националната валута, Банката на Албанија промовира нормално функционирање на платниот систем со цел: обезбедување на безбедна, брза и евтина циркулација на парите во економијата; спречување на системскиот ризик и одржување на стабилноста на финансиските институции и пазари. Банката на Албанија ја промовира стабилноста на финансискиот систем – јавната доверба во институциите, пазарите и финансиската инфраструктура – преку регулирање, лиценцирање и следење на банките и другите финансиски институции и редовно ги идентификува и анализира ризиците и заканите по финансиската стабилност.[5]
Функции
Како монетарен и надзорен орган на земјата, Банката на Албанија извршува голем број на функции, како што се:[6]
- Банката на Албанија има ексклузивно право да издава банкноти и редовно да ја снабдува економијата со готовина на територијата на Република Албанија.
- Банката на Албанија ја подготвува, одобрува и спроведува монетарната политика со цел да ги постигне целите за кои користи соодветни монетарни инструменти.
- Банката на Албанија е одговорна да обезбеди стабилен и ефикасен банкарски систем и, воопшто, финансиски систем во целина.
- Банката на Албанија е одговорна за дизајнирање, одобрување и примена на девизниот режим, како и за девизниот курс во Република Албанија.
- Банката на Албанија има ексклузивно право да лиценцира и одземе лиценца за вршење банкарски активности, како и да ги регулира и надгледува комерцијалните банки кои работат во Албанија.
- Банката на Албанија ги чува и управува со девизните резерви на Република Албанија.
- Банката на Албанија дејстува како банкар, советник и фискален агент на владата на Република Албанија.
- Една од главните задачи на Банката на Албанија е промовирање и гарантирање на непречено функционирање на националниот платен систем.
Организација и раководење
Банката на Албанија е во целосна државна сопственост и одговара пред Собранието на Република Албанија. Со неа раководи Надзорниот одбор, со кој претседава Гувернерот, кој е негов извршен директор. Надзорниот одбор е највисокото тело за одлучување на Банката на Албанија. Тој е одговорен за развој на монетарната политика и за одобрување на упатства за нејзиното спроведување. Покрај тоа, Надзорниот одбор одлучува за политиките на управување воопшто, ги дефинира начините или процедурите за извршување на оперативните активности на Банката на Албанија, со што се обезбедува правилно управување со институцијата и јавна одговорност за своите активности, ангажмани и резултати.[7] Надзорниот одбор се состои од девет члена: гувернер – претседател, прв заменик гувернер – потпредсетадел, втор заменик гувернер и шест други членови. Сите членови на Надзорниот одбор ги избира и именува Собранието на Република Албанија со седумгодишен мандат, со право да се биде реизбран, врз основа на следниве предлози: Собранието предлага пет члена, Министерскиот совет предлага три члена, а Надзорниот одбор предлага еден член.[8]
Во согласност со член 53 од законот бр. 8269 од 23.12.1997 година за Банката на Албанија, нејзин главен извршен директор е Гувернерот. Тој е надлежен за секојдневното работење на Банката и претседава со Надзорниот одбор. Гувернерот е одговорен пред Надзорниот одбор за спроведување на донесените решенија, вклучително и за спроведување на монетарната политика, кредитните и девизните политики, како и за управување, контрола и надзорот на администрацијата и работењето на Банката на Албанија. Гувернерот го избира Собранието, на предлог на претседателот на Републиката со мандат од 7 години, со право да биде реизбран. Актуелен гувернер е Гент Сејко кој бил назначен за гувернер на Банката на Албанија на 5 ноември 2015 година.[9]
Монетарна политика
Главната цел на монетарната политика на Банката на Албанија е постигнување и одржување на ценовната стаблиност. Со гарантирање на ценовната стабилност, Банката на Албанија дава директен придонес во одржувањето на макроекономските рамнотежи во земјата, намалувањето на премиите за ризик, одржувањето на економски раст и подобрување на долгорочната благосостојба, како и поддршката на стабилноста на финансискиот систем. Притоа, квантитативната цел на Банката на Албанија е да ја одржи инфлацијата на цените на потрошувачите на 3%, набљудувано на среден рок. Главниот показател за рамнотежа на инфлациските притисоци во економијата и посакуваниот одговор на монетарната политика е отстапувањето на среднорочната прогноза за инфлацијата од целното ниво, поддржано со сеопфатна анализа на економските показатели. Покрај мерењето на инфлацијата како годишна промена во индексот на потрошувачките цени, Банката на Албанија користи и други мерки, како што е основната инфлација, инфлацијата на трговијата на мало, и инфлациските очекувања на економските агенти.[10] Извештајот за монетарната политика е квартална публикација на Банката на Албанија и главен инструмент за комуникација на монетарната политика со јавноста. Тој претставува сеопфатна слика за најновите макроекономски движења и фактори кои влијаат и се очекува да влијаат врз цените во земјата. Одлучувањето за монетарната политика е ексклузивно право на Надзорниот одбор. Процесот на донесување одлуки се заснова врз анализите и предвидувањата кои се дел од извештајот за монетарната политика, кој се објавува секој месец.[11]
Инструменти на монетарната политика
Кон крајот на 2000 година, Банката на Албанија конечно се откажала од инструментите за директна монетарна контрола. Тогаш, било решено улогата на основна каматна стапка во економијата да биде стапката на репо-трансакциите кои се одвиваат на редовни неделни аукции.[12]
Операции на отворениот пазар
Операциите на отворениот пазар се поделени на: главни операции на пазар, регулаторни и структурни активности. Договорите за реоткуп и откуп се користат како примарно работење на пазарот и како регулаторна операција, додека целосните трансакции се користат само во структурното работење. Договорите за откуп се активности на отворениот пазар со кои Банката на Албанија продава хартии од вредност, преземајќи обврска да ги откупи по претходно договорени услови со комерцијалната банка, со цел привремено намалување на каматните стапки. Со обратните договори за откуп, Банката на Албанија купува хартии од вредност обрзувајќи се да ги продава под претходно договорените услови, со цел зголемување на ликвидноста во банкарскиот систем. Главните операции на пазарот се одвиваат преку седумдневиот договор за откуп, кој е главен инструмент за монетарната политика на Банката на Албанија. Целта на овие операции е краткорочно управување со ликвидноста на банкарскиот систем, односно стабилизирање на пазарните каматни стапки. Договорот за откуп се реализира преку аукции со фиксна и со повеќекратна цена или со фиксна цена и недефинирана аукција; аукцијата се организира секоја недела и е од стандарден тип; фиксната каматна стапка ја одредува Надзорниот одбор и таа служи како максимално ниво за договорите за реоткуп или како минимално ниво за аукциите со повеќе цени; рокот на овој вид договори е седум дена. Обратните договори за откуп со рочност од еден ден, еден месец и три месеци се користат за регулирање на ненадејните флуктуации на пазарот. Тие се реализираат со брза аукција и/или со билателарни процедури со неодредена честота;а укциите се од дефиниран тип; Банката на Албанија има право да одбие побарувања кои отстапуваат од пазарната каматна стапка на денот на аукцијата; рокот на достасување на купопродажбата е од еден ден до три месеци; а во зависност од ликвидносните услови, Банката на Албанија може да интервенира на пазарот заедно со главните пазарни активности со фиксни операции за прилагодување на честотата.[13]
Структурните активности се инструмент што се користи за спроведување на структурните операции на отворен пазар. Целта на овие операции е регулирање на ликвидноста на банкарскиот систем. Трансакциите со целосно право претставуваат дефинитивна продажба или купување на хартии од вредност. Тие имаат трајно влијание на пазарот на пари и не се реверзибилни трансакции, а се користат само како операции за регулирање на структурата на пазарот.[14]
Задолжителна резерва
Сите банки и филијали на странски банки лиценцирани од Банката на Албанија имаат обврска да чуваат задолжителна резерва. Банките кои се ставени во ликвидација (а ги исполнуваат критериумите), се ослободени од барањето за одржување минимални резерви. Банките чија лиценца е одземена, исто така се ослободени од обврската за задолжителната резерва. Основата на резервата ги вклучува обврските кои произлегуваат од банкарските сметки, деноминирани во леки и во странска валута. Заклучно со 24 јули 2018 година, задолжителната стапка на резерва во сите банки изнесувала: 7,5 % за задолжителни категории на резерви со рок на достасување пократок од 12 месеци; 5,0 % за категориите со рок подолг од 12 месеци до 2 години. Банките ја држат потребната резерва во леки и девизи (евра и американски долари) кај Банката на Албанија. Периодот на резервата е еден месец, започнува на 24. ден во месецот, а завршува на 23. ден во следниот месец. За време на периодот на одржување, банките имаат право да ја користат резервата само во леки, доколку просечното салдо на сметката на резервите во последниот ден од периодот не е под потребното ниво на резерва. Од 24 февруари 2018 година, стапката на користење на резервите изнесува 70% од потребната резерва. Пријавување се врши по формат, честота и временски распоред. Последниот датум на задолжително известување за резервите е 15. ден од секој месец.[15]
Каматни стапки
На 6 ноември 2019 година, основните каматни стапки на Банката на Албанија изнесувале:[16]
Наводи
- ↑ 1,0 1,1 1,2 Официјално мрежно место на Банката на Албанија (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија, Закони (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија, Статут (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ 5,0 5,1 Официјално мрежно место на Банката на Албанија, За банката (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија, Функции (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија, Организација (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија, Гувернер (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија, Монетарна политика - цели и стратегија (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија, Публикации (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија, Инструменти (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија, Операции на отворениот пазар (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија, Задолжителна резерва (пристапено на 22.12.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Албанија (пристапено на 22.12.2019)