Андреа Пенезиќ (родена на 13 ноември 1985 година)[1] е хрватска ракометарка која игра на позицијата лев бек за Шиофок.
Таа исто така е поранешена репрезентативка на хрватската женска ракометна репрезентација.[2]
Клупска кариера
Почетоци, Локомотива и Подравка
Андреа Пенезиќ започнала да тренира ракомет кога била 5-то одделение, во ОУ Отон Ивековиќ во загрепскиот кварт Кустошија во рамките на една секција на основното училиште од која на иницијатива на нејзиниот прв тренер, професорот Антун Смиљаниќ бил основан и Ракометниот клуб Кустошија Загреб (денешен ЖРК Загреб) во 1995 година. Андреа се покажала како најталентирана ракометарка на новоформираниот клуб и добила повик да игра во сите младински категории на хрватската репрезентација.
Во 2000 година се преселила во еден од посилните клубови во Хрватска, Локомотива Загреб, каде воглавном седела на клупа во четирите најосетливи години во развојот на младите играчи. Така, успешната кариера која и се предвидувала на Андреа како една од најталенираните хрватски играчки, била доведена во прашање поради големото кочење во развојот, бидејќи покрај тоа што играла малку тоа го правела само во одбрана.
Сепак, со заминувањето во Подравка од Копривница под водство на тренерот Здравко Зовко Пенезиќ пронашла простор за игра и напредок. Во својата прва сезона постигнала 55 гола во натпреварите од Лигата на шампионите. Во двете сезони во клубот, Пенезиќ и помогнала на Подравка да го освои хрватското првенство двапати (2008-2009 и 2009-2010) и Купот на Хрватска двапати (2008-2009 и 2009-2010).
Крим
Во летото 2010 година, Пенезиќ потпишала за словенечкиот Крим.[3] Во сезоната 2012-2013 играла со клубот во полуфиналето на Лигата на шампионите против Ларвик, но и покрај победата во гости од 24-22 во првиот натпревар норвешкиот клуб се пласирал понатаму со победа од 27-19 во реваншот во Словенија; Пенезиќ постигнала вкупно 7 гола во полуфиналниот двомеч, 4 во првиот и 3 во вториот натпревар. По големата финансиска криза со која се соочил Крим во текот на сезоната 2013-2014, повеќето добри играчи морале да го напуштат клубот, а меѓу нив била и Пенезиќ.[4]
Вардар
Во јануари 2014 година, Пенезиќ заедно со нејзината колешка од Крим Барбара Лазовиќ потпишала за Вардар.[5] Во интервју за eurohandball.com Пенезиќ изјавила: Со обзир на финансиските проблеми во кои се најде Крим многу играчи си отидоа и не можевме да избориме пласман во Лигата на шампионите. Жал ми е за тоа што се случи затоа што се работи за голем клуб со долга традиција и се надевам дека набрзо повторно ќе фи видам во европските натпреварувања. Вардар го одбрав затоа што верувам дека е одлична екипа, со голем број одлични играчи и сакав да бидам дел од колектив кој има големи амбиции во Европа. Со овој тим ќе пробам да ја освојам Лигата на шампионите, но тоа ќе биде тешка задача.[6] Во првата сезона во црвено-црниот дрес, Андреа му помогнала на Вардар да ги освои првенството и купот на Македонија. Таа исто така била најдобар стрелец во Лигата на шампионите со 102 постигнати гола колку што имала и Кристина Њагу од Будуќност, но Вардар бил елиминаран во полуфиналето на фајнал форот и морал да се задоволи само со третото место.
Во февруари 2017, Пенезиќ го продолжила договорот со Вардар за уште една година.[7]
Шиофок
Во март 2018, Пенезиќ заедно со својата соиграчка од Вардар, Татјана Хмирова, потпишале едногодишен договор со унгарскиот Шиофок.[8]
Репрезентативна кариера
Пенезиќ ја претсавувала својата репрезентацијата на Европското првенство во 2008 година[9] каде што Хрватска завршила на шестото место, а таа била во топ десетте стрелци на турнирот.
Исто така таа била дел од хрватската репрезентација и на Светското првенство 2011 и Олимпискиот турнир 2012 на кои Хрватска го заземала 7-мото место и во двата случаи.
Титули
- Победници: 2014
Награди
Наводи