Алан Ентони Силвестри (англ. Alan Anthony Silvestri; роден на 26 март 1950) ― американски композитор и диригент најпознат по неговите дела од областа на филмската музика. Од 1984 година почнал да соработува со режисерот Роберт Земекис и ја компонирал музиката за речиси сите негови филмови, вклучувајќи ги: филмскиот серијал „Враќање во иднината“, Форест Гамп, „Бродолом на животот“ и „Поларен експрес“. Силвестри компонирал музика и за други популарни филмови, меѓу кои се: Предатор, Бездна, Таткото на невестата, Телохранител, трилогијата Ноќ во музејот и неколку филмови со суперхерои, вклучувајќи ги и филмовите Одмазници.
Двапати бил номиниран за Оскар и за Златен глобус, трипати ја добил наградата Сатурн и двапати наградата Еми за серија во ударен термин.
Во 1970 година, Силвестри се преселил во Лос Анџелес.[4] Кариерата како композитор на музика за филм ја започнал во 1972 година на нискобуџетниот акционен филм Бандата на доберманот (The Doberman Gang).[4] Од 1977 до 1983 година, Силвестри бил главен композитор за ТВ-серијата ЧИПС и напишал музика за вкупно 95 епизоди.
Во 1989 година, Силвестри ја компонирал музиката за филмот Бездна во режија од Џејмс Камерон. Од 2001 година, редовно соработувал и со режисерот Стивен Сомерс, компонирајќи музика за филмовите „Враќање на мумијата“ (2001), „Ван Хелсинг“ (2004) и „Џи Ај Џо: Подемот на Кобра“ (2009).
Силвестри, исто така, компонирал музика и за телевизиски серии, вклучувајќи ги Ти Џеј Хукер (една епизода), Старски и Хач (три епизоди) и Приказни од криптата (седум епизоди). Во 2014 година, ја компонирал наградуваната музика за научно-документарната серија Cosmos: A Spacetime Odyssey. Заедно со Глен Балард напишал песни за филмската адаптација на Пинокио од Дизни.[5]
Девет пати бил номиниран за Греми награди, а освоил две награди: Најдобра песна напишана за филм, телевизија или други визуелни медиуми за „Believe“ од „Поларен експрес“ во 2004 година; и најдобра инструментална композиција за одјавната шпица од филмот Бродолом на животот во 2002 година.
Добитник е на две Еми награди, и двете за Cosmos: A Spacetime Odyssey – Извонредна музика за главна тема и извонредна музичка композиција за серија за епизодата „Standing Up in the Milky Way“.
↑Coutros, Evonne. "The Drummer Whom Gump Marches To", The Record (Bergen County), March 26, 1995. Accessed October 21, 2008. "Nearly three decades after Alan Silvestri drummed out beats for the Teaneck High School band, he's hoping to march to the podium Monday night to collect an Oscar."
↑ 4,04,1Stanley, John (November 9, 1986). „Composer Hits a High Note 'Overnight'“. The San Francisco Examiner. стр. Datebook 21.