Хенри Џон Дојчендорф Помладиот (англ. Henry John Deutschendorf Jr.; 31 декември 1943 – 12 октомври 1997)[1] естрадно познат како Џон Денвер ― американски пејач и текстописец. Тој бил еден од најпопуларните акустични музичари во 1970-тите и еден од музичарите со најголема продажба за таа деценија.[2] Според AllMusic, Денвер бил „меѓу најомилените забавувачи од неговото доба“.[3]
Денвер снимил и објавил околу 300 песни, а околу 200 од нив ги напишал самиот. Имал 33 албуми и синглови сертифицирани од RIAA со златен или платинест тираж во САД,[4] а се проценува дека продал преку 33 милиони единици.[5] Тој снимал и настапувал првенствено со акустична гитара, а стиховите од неговите песни се однесувале на: неговата радост во природата, презирот кон градскиот живот, ентузијазмот за музика и љубовни врски. Песните од Денвер се пласирале на различни топ-листи, како топ-листите: за кантри-музика, Billboard Hot 100 и радиски хитови, а негови најпрепознатливи песни биле: „Take Me Home, Country Roads“, „Poems, Prayers & Promises“, „Annie's Song", „Rocky Mountain High", „Calypso", „Thank God I'm a Country Boy" и „Sunshine on My Shoulders".
Денвер глумел во неколку филмови и телевизиски специјали во текот на 1970-тите и 1980-тите, меѓу кои и во хитот од 1977 година , О, Боже! (Oh, God!), каде глумел заедно со Џорџ Барнс. Тој продолжил да снима музика во 1990-тите, а исто така се насочил на проблемите за заштитата на животната средина, дал силна поддршка за истражување на вселената и сведочел пред Конгресот во знак на протест против цензурата во музиката.[6] Џон Денвер поголемиот дел од неговиот живот го поминал во Аспен и бил познат по неговата љубов кон Колорадо. Во 1974 година, Денвер бил прогласен за поет-лауреат на таа сојузна држава. Во 2007 година, Законодавниот дом на државата Колорадо ја усвоил неговата песна „Rocky Mountain High“ за една двете химни на државата, а Западна Вирџинија го сторила истото со песната „Take Me Home, Country Roads“ во 2014 година.
Џон Денвер бил страствен пилот и загинал во несреќа во 1997 година додека управувал со неговиот новонабавен лесен авион, на 53-годишна возраст.
Живот и кариера
Хенри Џон Дојчендорф Помладиот бил роден на 31 декември 1943 година, во Розвел, Ново Мексико.[7] На 11-годишна возраст, тој добил гитара од баба му и научил да свири на неа.[8] Тој го усвоил презимето „Денвер“ во чест на главниот град на неговата сакана држава, Колорадо.
Денвер студирал архитектура на Тексашкиот технички универзитет во Лабок и додека бил таму пеел во фолк-групата „The Alpine Trio“.[10][11][12] Денвер го напуштил универзитетот во 1963 година [8] и се преселил во Лос Анџелес, каде што пеел во фолк-клубови. Во 1965 година, Денвер се приклучил на The Chad Mitchell Trio, заменувајќи го основачот Чад Мичел. По неколку кадровски промени, триото подоцна станало познато како „Денвер, Бојс и Џонсон“ (Џон Денвер, Дејвид Боис и Мајкл Џонсон).[8]
Џон Денвер ја напуштил групата во 1969 година и започнал соло-кариера, а потоа го издал неговиот прв албум со RCA Records, Rhymes & Reasons. Тој самостојно снимал демо-снимки на некои од неговите песни кои ги изведувал на концерти. Овој албум ја вклучувал песната „Babe I Hate to Go“, подоцна наречена „Leaving on a Jet Plane“.
Џон Денвер објавил уште два албума во 1970 година: Take Me to Tomorrow и Whose Garden Was This, на кои имало песни снимени од Џон Денвер, како и преработки на песни од други изведувачи.
Во 1971 година купил куќа во Аспен (Колорадо), каде што живеел до неговата смрт.
Во 1973 година, Денвер почнал да води сопствена телевизиска емисија на БиБиСи, Шоуто на Џон Денвер, неделно музичко и естрадно шоу во режија и продукција на Стенли Дорфман.
↑Along with U.S. SenatorJake Garn, U.S. Ambassador Shirley Temple Black, actor James Stewart, and Tom Abraham, a businessman from Canadian, Texas, who worked with immigrants seeking to become U.S. citizens. Cited in "Tom Abraham to be honored by Freedoms Foundation Feb. 22", Canadian Record, February 14, 1980, p. 19
↑„Awards“. johndenver.com. December 10, 2010. Посетено на July 8, 2019.